Косовскиот премиер вели дека српскиот претседател одбил три предлози, а дека не дал одговор само за предлогот шесте земји од Западен Балкан да го унапредат договорот ЦЕФТА во СЕФТА
Премиерот на Косово, Албин Курти, по средбата во Брисел со српскиот претседател Александар Вучиќ, ги објави предлозите што ги предала косовската страна за време на преговорите со Србија, пренесува „Газета експрес“.
Премиерот на Косово на Фејсбук соопшти дека на состанокот изразил подготвеност за дијалог, кој ќе заврши со меѓусебно признавање.
Курти понатаму ги посочува четирите услови што ги има Косово за дијалог со Србија, но, како што вели, тие биле одбиени од српска страна.
„Ние го покажавме нашиот критички став кон процесот и договорите досега. Изразуваме подготвеност за конструктивен дијалог за заемно признавање. Следниот состанок ќе се одржи пред летната пауза, почнувајќи од 25 јули“,
вели Курти.
Тој додава дека не е постигната согласност за агендата за следниот дијалог. На овој состанок, вели, дадов четири предлози:
– Шесте земји од Западен Балкан да го унапредат договорот ЦЕФТА во СЕФТА (Договор за слободна трговија на Југоисточна Европа) според моделот ЕФТА-ЕЕА, односно договор што го имаат Лихтенштајн, Норвешка и Исланд со ЕУ.
– Косово и Србија веднаш да потпишат заеднички мировен договор, ветувајќи дека нема да се напаѓаат едни со други. Ова е важно како никогаш порано, еден ден по Самитот на НАТО во Брисел и едногласните пораки дадени таму.
– По заемното признавање меѓу Република Косово и Република Србија, во двете наши земји да имаме билатерален реципроцитет, вклучително со прашањето за малцинствата. Значи, Србите во Косово можат да имаат свој национален совет како што тоа го имаат Албанците и Бошњаците во Србија.
– За прашањето за исчезнатите лица со насилство, шефот на српската делегација, г. Вељко Одаловиќ, треба да биде сменет од позицијата и треба да биде испрашуван. Тој од 1997 до 1999 година беше началник на штабот на косовскиот регион и го водеше окупираното Косово заедно со г. Зоран Анѓелковиќ“
напиша на Фејсбук косовскиот премиер Албин Курти.
Тој вели дека не добил одговор за неговиот прв предлог, додека другите три предлози биле одбиени и нагласува дека се надева дека кога Вучиќ и Селаковиќ ќе се вратат во Белград сериозно ќе размислат за прифаќање на овие предлози.