Претседателот на партиската Комисија за здравство го прашува министерот Филипче дали со благодарници од Лекарската комора му се заблагодарува на медицинскиот кадар за ангажманот во ковид-кризата
Здравствените работници, наместо ветеното реално покачување на платата, ќе добијат бонус од 5 проценти, а пред и за време на кризата секојдневни беа ветувањата за покачување на платите, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по најавата дека судиите ќе добијат повисоки плати.
„За лекар специјалист, ветуваа основна плата од 100 илјади денари. За медицинарите што работат во ковид-центрите ветуваа инфективен додаток. За специјализантите ветуваа платени дежурства и вработување. Ветувањето беше дека од март платата ќе биде покачена за 5%, и нема да биде само еднократен бонус“,
изјави денеска претседателот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Николов.
Тој го прашува министерот за здравство Венко Филипче дали со благодарници од Лекарската комора му се заблагодарува на медицинскиот кадар?
„Лекарите и оние што го чуваат здравјето на граѓаните не бараат премногу. Бараат да бидат еднакво вреднувани и ценети како оние што ја чуваат и делат правдата во земјата. Не ви доликува за едните бонус од 5%, а за другите покачување на платата од 15%. Тоа не ви поминува! Лекарската комора продолжува да молчи и дели благодарници, синдикатот молчи и обезбедува кредит за своите членови. Навистина е доста од хипокризија“,
рече Николов.