Според српскиот претседател, косовскиот премиер дошол „за да не се договори“
По денешната нова рунда разговори со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е договорено да продолжи дијалогот на највисоко ниво до крајот на јули и дека албанската делегација не сака да ги исполни претходно потпишаните договори.
Како што рече на прес-конференцијата по состанокот, должината на разговорот зборува за резултатите. Договорот за продолжување на дијалогот, рече тој, е важна работа што може да гарантира зачувување на мирот.
„Од состанокот има три важни вести – албанската делегација не сака да ги исполни договорите, не сакаат да зборуваат за Заедницата на српски општини, бараат итно да го признаеме независно Косово и го нарекуваат инциденти и провокации фактот што Србите сакаат да присуствуваат на литургии во своите цркви. Бев благ, не сакав да истакнам други работи, целосно отсуство на реалност“,
рече Вучиќ.
Тој додаде дека се разговарало и за исчезнатите лица.
„Зборував за принципите и колку е важно да се открие местото каде што е погребан секој Албанец и секој Србин, тоа го понудив и тоа наиде на одобрение од Борел и Лајчак. Им реков да ни кажат ако се сомневаат во локацијата на гробниците, ние веднаш ќе го отвориме тоа место и ќе ѝ го покажеме на јавноста, побарав да ни дозволат да копаме на девет локации, а потоа тие ми одговорија – не може, затоа што Комисијата за исчезнати лица е предводена од Веjко Одаловиќ. Она што ви го кажав е во поблага форма, не видов рационален пристап од нивна страна“,
нагласи Вучиќ
Претседателот на Србија додава дека ќе мора да разговара со Србите од Косово и нагласи дека е исплашен од неодговорноста на спротивната страна.
„Видов со колку неодговорност ќе треба да се соочиме во иднина, исплашен сум затоа што некој е многу неодговорен. Ние сме подготвени да го прифатиме секој датум и нема ништо поважно од обезбедувањето безбедност за нашиот народ во Косово“,
рече српскиот претседател.
Како што рече, Курти дошол „за да не се договори“.
„Тој дојде да праша кога ќе го признаете Косово. Мојот одговор беше – никогаш, а потоа се детонираше“,
рече претседателот на Србија.
Тој, исто така, нагласи дека верува оти Соединетите Држави ќе бидат фер и дека ќе имаат јасен став за тоа кој е одговорен за напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина, а кој е одговорен за создавање напнатост и дека европските претставници ќе кажат кој бил конструктивен на состанок, а кој не.
Како одговор на прашање на странските новинари, Вучиќ рече дека официјален Белград инсистира прво да се исполни она што веќе било договорено, да се разговара за некои други работи и дека тој јасно изразил подготвеност да продолжи со потрагата по исчезнатите лица. Тој додаде дека Србија е секогаш подготвена да ги истражува можните масновни гробници, на која било локација што ќе се побара, со цел да им се помогне на семејствата на исчезнатите да ја утврдат вистината за своите членови.