Голем дел од досегашните членови на советите на јавниот сервис и на Агенцијата, на кои во неколку наврати им се продолжува мандатот со „законски маневри“, конкурирале за нов мандат. Меѓу кандидатите има повеќе новинарски имиња
Околу 60 кандидати се јавиле на последните огласи што ги распиша Собранието за избор на нови членови на советите на Македонската радио-телевизија и на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги (АВМУ), позиции кои веќе неколку години не може да бидат пополнети, така што парламентот во неколку наврати им го продолжува мандатот на досегашните членови.
На огласот за членови на Програмскиот совет на МРТ, според информации на „360 степени“ од Собранието, се јавиле 27 кандидати. Меѓу нив е и Смилка Јанеска-Саркањац, која моментно претседава со Програмскиот совет на јавниот сервис. Адвокатката и поранешна пратеничка Јагнула Куновска, исто така, се јавила на конкурсот за Советот на МРТ, каде што е и моментно член.
Илир Рамадани, Златко Јанковски, Ристе Панов, Ведат Меметалија… досегашни членови на Советот на јавниот сервис, исто така, конкурираат за нов мандат. Всушност, од 12 члена на сегашниот Совет на МРТ, повеќето се пријавени за нов мандат.
Меѓу кандидатите за членови на МРТ има и повеќе имиња од новинарската фела, како Горан Михајловски, Томислав Кежаровски, Мирче Адамчевски, Веле Митаноски и други.
Мандатот на членовите на Програмскиот совет на МРТ трае пет години. Тој е одговорен за избор на членовите за изборот и
разрешувањето на директорот и заменикот на директорот на МРТ.
И поголем дел од членовите на актуелното раководство на АВМУ, според информациите на „360 степени“ се кандидирале за нов мандат: Зоран Фидановски, Лазар Петрушевски, како и долгогодишниот директор на Агенцијата Зоран Трајчевски. И за овие позиции конкурираат повеќе лица од медиумската сфера, како Стојанче Наумов, Слободанка Јовановска, Љубиша Николовски и други.
Меѓу кандидатите за АВМУ се и Климе Бабунски, Даут Даути, Виктор Грозданов, а на списокот пријавена е и поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Магдалена Манаскова.
Мандатот на новоизбраните членови трае 5 години. Тие се професионално ангажирани во Агенцијата и за својата работа ќе добиваат месечен надоместок во висина до четири просечни месечни плати.
Според новиот Закон за аудио и аудиовизуелни услуги, Комисијата за избори и именувања сега треба да организира јавна расправа, на која кандидатите за советите на АВМУ и на МРТ треба да ги претстават своите тези за извршување на функцијата. Потоа ќе бидат избрани оние кандидати што ќе добијат двотретинска поддршка во матичната собраниска комисија и од собранискиот пленум.
Законската одредба која предвидува најмалку 80 пратеници да гласаат за избор на членовите на МРТ и на АВМУ, всушност, е причината поради која веќе неколку години се одолговлекува изборот на новите раководства на јавниот сервис и на Агенцијата, кои потоа треба да изберат и нови директори на двете институции. Во меѓувреме, со МРТ и со АВМУ раководат совети на кои во неколку наврати, со „законски маневри“, им се продолжуваат мандатите.
Пред извесно време не успеа обидот на група пратеници од мнозинство да издејствуваат законски измени за намалување на потребното мнозинство од 80 на 61 глас. Под притисок на јавноста, предлог-измените беа повлечени.
Одлуките за обновување на постапката за избор на членови на раководните тела на МРТ и на АВМУ следуваат по средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која, меѓу другото, беше договорена деблокада на одредени законски решенија. Предлагачи на предлог-одлуките за распишување на огласите се координаторите на владејачките СДСМ и ДУИ, Јован Митревски и Арбер Адеми. Сепак, одлуките се донесени со 77 гласа „за“ и без гласови „против“ или „воздржани“, што значи дека имало поддршка и од опозицијата.
Марјан Цветковски е директор на МРТ од 2012 година, кога мнозинството во Собранието, како основач на јавниот сервис, го имаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Но претходниот, како и актуелниот собраниски состав, досега не успеа да го смени Програмскиот совет, кој го избира директорот на МРТ.
Членовите на Советот на АВМУ, пак, Собранието ги избра на функциите јули 2014 година, со мандат од пет години, по што тие во октомври истата година го избраа Зоран Трајчевски за директор на Агенцијата.