Имињата на компаниите кај кои ќе се утврдат неправилности при увозот на мазут ќе бидат јавно објавени откако ќе завршат сите процедури, најави министерот за економија Кршеник Бектеши. Тој рече дека утре или најдоцна до среда ќе бидат објавени и наодите од анализите што ги прават надлежните институции, а потоа ќе следува и можно одземање на лиценците на компаниите.
„Според моите информации, Државниот пазарен инспекторат доставил информација до Регулаторната комисија и согласно нивните правилници, секако РКЕ ќе одлучи дали ќе има прекршочни казни или ќе им бидат одземени лиценците. Во случај кога одредени компании не ги исполниле очекувањата согласно правилникот, и во делот на залихите и во делот на квалитетот, секако тоа е основ за одземање на лиценца,“
изјави Бектеши.
Бектеши додаде дека се вршат контроли не само во увозот на нафтени деривати туку и во внатрешниот пазар при што веќе се направени контроли кај дел од складиштата на компаниите кои се занимаваат со продажба на мазут. Во однос на вратените цистерни од страна на Царината, Бектеши повтори дека во овој случај е утврден поголем процент на вода и прашина од дозволеното.
„Ако во Правилникот и согласно македонскиот стандард е предвидено еден процент, одредени цистерни имале над четири проценти вода. Но, не е проблемот само водата, имало надминување и на параметрите во однос на пепелот. За детали ќе причекаме утре или најдоцна во среда. И во внатрешниот пазар се направени контроли кај дел од складиштата кои се занимаваат со продажба на мазут. И таму се надминати некои од параметрите“
додаде Бектеши.
Во однос на понесувањето одговорност, Бектеши истакна дека Министерството за економија има одговорност само во однос подзаконските акти, но не и во делот на спроведување и вршење контрола.
„Она што можам да го кажам е дека Правилникот во делот на квалитет на течните горива е целосно усогласен со барањата на Европската енергетска заедница. Во делот на спроведувањето и вршење контрола не е надлежно Министерството за економија. Има други надлежни институции кои директно одговараат пред Владата но ние како одговорно Министерство секојдневно вршиме состаноци со цел да дојдеме до наоди каде имало пропусти. Сите информации кои ќе дотавиме до надлежните институции. Министерството за економија не е јавно обвинителство,“
порача Бектеши.
Како што објави „360 степени“, една од компаниите за кои бил наменет мазутот вратен од Царина е „Супертрејд“. Според податоците од Царинската управа потеклото на мазутот било од соседна Бугарија и сите пет цистерни вратени на граница биле наменети за истата компанија. Од „Супертрејд“ , пак тврдат дека тие нарачале посебна анализа на мострите од мазутот во странска акредитирана лабораторија според која нивото на вода било 0.2% односно во граници на дозволеното. Тие ги негираат резултатите добиени во лабораторијата на „Макпетрол“ бидејќи примероците земени на царина биле надвор од протоколот или, како што велат, „во стаклени тегли за зимница“.
