Глобалното искоренување на коронавирусот во моментов не е разумна цел, изјави Дејвид Набаро, специјален претставник на Светската здравствена организација (СЗО) за ковид-19.
„Човештвото ќе мора да научи да живее со овој вирус, спречувајќи го нагло да избувне и да предизвика жаришта на болести. Секој пат кога одеднаш ќе избувне, тоа ја поттикнува мислата дека може да се појави нова варијанта и тоа не би било изненадувачки“,
изјави Набаро за британски „Скајњуз“.
Според СЗО, несразмерното распределување на вакцините против ковид кај богатите и сиромашните земји само го усложнува процесот за излез од пандемијата.
Лидерите на Светската здравствена организација (СЗО), Светската трговска организација (СТО), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка ги повикаа богатите земји да ја финансираат програмата за борба против пандемијата, подготвена од ММФ, и која веќе беше изложена на самитот за здравство што се одржа во Рим.
„Таквата финансиска инјекција ќе овозможи значително зголемување на производството на дијагностичка опрема, лекови, кислород, медицинска опрема и вакцини за поправедна дистрибуција“,
изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус.
До крајот на годината се планира вакцинирање на најмалку 40 проценти од светската популација, а до крајот на 2022 година на барем 60 проценти, со цел да се овозможи трајно закрепнување на светската економија.
Претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас, кажа дека е клучно да се забрза синџирот на снабдување со цел да се скрати времето од производство на вакцини до нејзина примена.
Во заедничката статија објавена во „Вашингтон пост“, четворицата лидери на СЗО, СТО, ММФ и Светска банка изјавија дека нееднаквиот пристап до вакцина ја предизвика појавата на соеви на коронавирусот, што предизвика ново ширење на епидемијата во земјите во развој.