Генералниот секретаријат успеа да идентификува само еден документ кој спаѓа во оваа дефиниција. По внимателно разгледување, жалам што морам да ве информирам дека пристап до овој документ не може да се дозволи, затоа што ова барање јасно спаѓа во исклучокот на членот 4(1)(а) на Регулативата на Европската комисија 1049/2001, според која „институциите ќе одбијат пристап до документи чие обелоденување би ја поткопала заштитата на меѓународните односи“, се вели во одговорот на новинарското барање за пристап до документот
Службите на Советот на ЕУ одбија да дозволат увид во содржината на словенечкиот нон-пејпер за промена на границите на Западен Балкан кој ја разбранува балканската јавност пред еден месец, но потврдија дека тој постои, јави МИА од Брисел.
Во одговорот на Генералниот секретаријат на новинарското барање за увид во словенечкиот нон-пејпер преку воспоставените правила за пристап до информации се вели:
„Генералниот секретаријат успеа да идентификува само еден документ кој спаѓа во оваа дефиниција. По внимателно разгледување, жалам што морам да ве информирам дека пристап до овој документ не може да се дозволи, затоа што ова барање јасно спаѓа во исклучокот на членот 4(1)(а) на Регулативата на Европската комисија 1049/2001, според која ‘институциите ќе одбијат пристап до документи чие обелоденување би ја поткопала заштитата на меѓународните односи’“,
се вели во официјалниот одговор на Советот на ЕУ.
Новинарот што го поднел барањето и чиј идентитет не се открива има право да побара ревизија на оваа одлука во рок од 15 дена, тоа барање треба да го оправда.
Со овој одговор, меѓутоа, се потврдува дека ваков документ поднесен од страна на Словенија постои.
Информацијата беше објавена прво во словенечките медиуми и потврдена од неколку политичари во регионот и откри дека владата на Јанез Јанша поднела нон-пејпер во кој се предлага прекројување на границите на Западен Балкан.
Ниту Советот на ЕУ ниту претседателот на Европскиот совет не потврдија дека ваков документ постои.