Изминатава недела Владата се пофали дека вратила неколку цистерни со мазут од граница поради повисок процент на вода од дозволеното, како дел од засилените контроли на увозот на нафтени деривати. Царинската управа потврди за „360 степени“ дека станува збор за пет цистерни, сите наменети за увозникот „Супертрејд“
Но од компанијата „Супертрејд“ обвинуваат дека тие се оштетени во случајот бидејќи примероците биле земени непрофесионално. Мострите ги зеле царински службеници наместо овластени и обучени лица, и тоа во „тегли за зимница“, а не под посебни услови и во посебни садови, како што е по протокол. Анализите, кои компанијата сама ги направила преку акредитирана лабораторија во Бугарија, покажале дека квалитетот на мазутот не отстапува од домашните стандарди
Токсично масло, кое било увезено како мазут, се користело како гориво во фирми и институции во земјава. Накусо, тоа е „сижето“ на новинарската приказна на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објавена на средината на мај, која предизвика итна реакција на надлежните институции на пазарот на нафтени деривати во земјава.
По документарниот филм, Владата „нареди“ контролите да ги прават неколку државни институции, оценувајќи го новинарското истражување како „вонредна и итна информација“. Од „Илинденска“ тогаш соопштија дека, на предлог на вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, решиле да направат „брзи, темелни и детални проверки на сите објавени и необјавени информации“.
Еден од првите резултати на тие нови контроли стигна по само неколку дена. И премиерот Зоран Заев и министерот за економија Крешник Бектеши, кон крајот на мај, јавно изјавија дека како последица на засилените контроли на граничните премини се вратени неколку цистерни со мазут. Не било проблем нивото на сулфурот, кој е основен параметар што се мери во земјава при влез на мазут, туку процентот на вода и прашина.
Сепак, ниту министерот Бектеши ниту премиерот Заев не кажаа кој го увезувал мазутот што бил вратен од граничните премини во втората половина на мај. Наместо тоа, најавија дека контролите ќе продолжат, и тоа не само на граница и не само на мазутот, туку дека ќе се испитува и квалитетот на горивата по бензинските станици. Не исклучија одземање лиценци ако се откријат прекршоци.
Во сторијата на ИРЛ, главен „осомничен“ беше компанија од Кичево која го увезувала „мазутот“ и го препродавала на домашниот пазар. Затоа, „360 степени“ тргна во проверка, чии цистерни биле вратени од граница?
Царина: Мазутот беше за „Супертрејд“
Царинската управа одговори јасно и директно на сите наши прашања. Прво, сите вратени цистерни за кои зборуваа премиерот и министерот за економија биле увоз на една компанија, а станувало збор за точно пет цистерни.
„Сите пет цистерни се на компанијата ‘Супертрејд’ ДОО Скопје. Кај нив сулфурот е во ред, но утврден е вишок на вода… Потеклото на мазутот е од Република Бугарија и тој е вратен за Бугарија“,
велат од Царинската управа за „360 степени“.
Во одговорот од Царина не се споменува дека бил проблематичен и процентот на прашина, кој го споменуваа премерот и министерот. На нашите прашања, пак, дали враќањето на цистерните во вакви случаи е пракса или се можни и поригорозни мерки за увозникот, од Царина велат:
„Не можат да се запленат од причина што не ги исполнуваат условите за увоз, односно за влез во државата и оваа постапка не е вообичаена, туку станува збор за законска обврска која наложува цистерните да бидат вратени.“
Која е фирмата „Супертрејд“?
За разлика од кичевскиот увозник од сторијата на ИРЛ, кој беше релативно непознат за општата јавноста, компанијата „Супертрејд“ е значителен играч на пазарот со нафтени деривати во земјава. Станува збор за семејна компанија со „стаж“ од над 25 години, чиј единствен сопственик во моментов е Владимир Стајиќ.

Само лани компанијата „Супетрејд“ имала приходи од околу 85 милиони евра, што и е просечен резултат за последниве пет години.

Барем во изминативе пет години „Супертрејд“ е компанија која работи со добивка, при што најниски 255 илјади евра „ќар“ направила во 2017 година, а највисоки, близу 1,5 милион евра, во 2020 година.

Компанијата е и еден од најголемите добавувачи на мазут и горива на државни институции во Македонија. Од десетте најголеми тендери за набавка на мазут во последниве три години, четири ги добила токму „Супертрејд“. Станува збор за јавни набавки чија поединечна вредност достигнува и до 200 000 евра, а купувачи се болници и училишта.
Компанијата, освен што продава нафтени деривати на државни институции, продава горива и во малопродажба. Таа е ексклузивен застапник на американската компанија „Гулф“ и има бензински пумпи низ земјава под тој бренд.
„Супертрејд“: Мострите се земени во тегли за зимница
Дотука приказната за петте вратени цистерни е релативно едноставна – голема компанија увезува мазут со повисок процент на вода, кој потоа го продава на домашниот пазар. Но компанијата увозник за вратените цистерни со мазут тврди дека тоа е далеку од вистината.

На прашањата на „360 степени“, од „Супетрејд“ прво објаснија дека во просек увезуваат околу 10 000 тони мазут годишно. Главно купуваат мазут од „Хеленик петролеум“ од Грција, од ОКТА во Македонија и од „Лотус оил трејд“ од Бугарија. Вратените цистерни биле полни со мазут од „Лотус оил трејд“ од Бугарија, но од „Супертрејд“ не се согласуваат со наодите дека во мазутот имало повеќе вода од дозволеното, поради што им била вратена пратката.
Првенствено, обвинуваат дека мострите не биле земени согласно протокол и од овластени лица туку од цариници, и тоа во „стаклени тегли за зимница“.
„Сметаме дека се направени низа пропусти во начинот на земање мостри од цистерните. Мазутот се транспортира на 90 степени и доколку примероците не се земаат според протокол се доведува во прашање точноста на резултатите, бидејќи мазутот може да кондензира и анализата да покаже дека има поголемо количество вода. Конкретно за петте цистерни, целиот начин и постапка на земање мостри од мазутот беше надвор од сите правила и прописи. Наместо мострите од цистерните да ги земаат стручни лица, кои се обучени за тоа, сертифицирани за земање мостри, примероци за анализа зеле царински службеници. Дополнително, спорно е што примероците од мазутот не беа ставени во специјални садови, кои се запечатуваат херметички за мазутот да биде изложен на надворешни влијанија и да кондензира, туку примероци беа ставени во стаклени тегли за зимница“,
велат од „Супетрејд“.
фотографија од примерок земен од Царинската управа во Македонија фотографија од примерок земен од лабораторијата СГС, претставништво во Бугарија
Примероците, кои според „Супетрејд“ биле земени надвор од протокол, потоа биле пратени на анализа во лабораторијата на „Макпетрол“, бидејќи државата нема своја акредитирана лабораторија за испитување квалитет на мазут. Резултатот што е добиен „Супертрејд“ не го прифаќа за релевантен поради начинот на кој се земени примероците. Анализите што сами ги нарачале од реномирана лабораторија покажале дека истиот тој мазут е со соодветен квалитет.
„Анализите се правени во лабораторија на ‘Макпетрол’, бидејќи нашата земја нема државна лабораторија за анализа на мазут. Па така, ‘Макпетрол’, освен што се анализира себеси, односно производите што сам ги увезува, исто така прави анализи и на конкурентските фирми. Анализата на ‘Макпетрол’ од мострите што беа несоодветно земени, покажаа присуство на 4,6% вода во мазутот, што го отфрливме како невистинито. Од таа причина ‘Супертрејд’ ја ангажираше најдобрата светска лабораторија СГС (https://www.sgs.com/en/office-directory), за да го испита квалитетот на мазутот во цистерните. Мострите ги зедоа сертифицирани лица и тие беа предадени на анализа. Резултатот покажа дека мазутот во цистерните ги задоволува стандардите и присуството на вода е 0,20%, а во нашата земја е дозволено 1% (во прилог ви ја доставуваме анализата што ја изврши СГС*). Со самиот факт дека анализите од ‘Макпетрол’ и од СГС се драстично различни, побаравме на мазутот во цистерните да се направи суперанализа, но и покрај тоа што цистерните ни ги држеа на граница 12 дена, суперанализа не беше дозволена и добивме решение во рок од 24 часа цистерните да ги вратиме назад. Тоа и го направивме“,
велат од „Супертрејд“.
„Макпетрол“: Немаме увид во земањето мостри ниту знаеме чии се
„360 степени“ се обрати со прашања и до „Макпетрол“ во чија лабораторија биле направени испитувањата. Што се однесува до самата анализа, оттаму одговорија дека нивните лаборатории работат по највисоки стандарди. Според тие стандарди, велат од „Макпетрол“, не е нивна обврска да земаат примероци.

„Лабораторијата на ‘Макпетрол’ АД е една од двете акредитирани лаборатории за тестирање нафтени деривати и биодизел во Република Северна Македонија по стандардот MKS EN ISO/IEC 17025, и работи согласно највисоките домашни и светски стандарди за квалитет.
Согласно тие стандарди, лабораторијата на ‘Макпетрол’ АД, не зема примероци, туку анализира веќе земени примероци, а при преземањето материјал за анализа нема увид во начинот на земање на мострите, ниту знае чии се. Во нашата лабораторија материјалите стигаат под шифра, а не по име на компанија, токму за да се избегне каква било можност за субјективност“,
велат од компанијата.
Така, од „Макпетрол“ дополнуваат дека гарантираат за резултатот од она што им е доставено како мостра.
„Со своето 20-годишно искуство и со сите релевантни акредитации, лабораторијата на ‘Макпетрол’ АД гарантира за резултатите на анализата од мострите што ни се доставени. Воедно, би сакале да ве информираме дека при земањето на мострите, телото кое го извршило земањето, чува кај себе т.н. арбитражен примерок за евентуална дополнителна проверка, доколку се оспоруваат резултатите од анализата“,
велат од „Макпетрол“.
Владата допрва ќе бара лабораторија за испитување мазут
Сѐ на сѐ, петте цистерни со мазут од Бугарија се вратени назад, но тој чин во моментов отвора повеќе дилеми. Компанијата „виновник“ не отстапува од тоа дека примероците биле земени непрофесионално, поради што анализите во лабораторијата на „Макпетрол“ покажале повисок процент на вода. Извесно е дека „Супертрејд“ ќе продолжи да докажува дека тоа е главната причина поради која сега се на „тапет“.
Од „Макпетрол“, од друга страна, велат дека не е на нив да земаат примероци. Ги бранат резултатите добиени во нивната лабораторија но дообјаснуваат дека немаат увид во начинот на земање на мострите.
Единствениот фактор кој треба да ја увери целата јавност што е вистина, но и дали мострите се земаат по протокол е Владата, бидејќи мазутот е само дел од нафтените деривати што се увезуваат во земјата. Од исклучителна важност е да се знае дали некој „мами“ со квалитетот на нафтените деривати, но и еднакво важно е дали целиот процес на проверка се прави по соодветни стандарди. Довербата, иако не е изразена со цена, често е пресудна кога е во прашање купувањето нафтени деривати.

Дали поради овие или други причини, Владата пред три дена донесе „дополнителни заклучоци“ во однос на увозот, контролата и анализата на увезениот мазут. Во нив, меѓу другото, се бара склучување договор со акредитирано тело за земање мостри од мазут.
„Со новите заклучоци донесени на оваа седница, Владата го задолжи Бирото за метрологија да склучи договор со акредитирано тело за земање мостри од мазут за потребите на Државниот пазарен инспекторат.
Со уште еден заклучок се задолжени и Царинската управа и Бирото за метрологија, за потребите на Државниот пазарен инспекторат, по барање на Државниот пазарен инспекторат, да спроведат постапка за земање примероци за анализа и анализа на мазут, согласно Правилникот за квалитет на течни горива и да ги достават на испитување до акредитирана лабораторија“,
соопштија од Владата на 3 јуни 2021 година.