Додека едни издавачки куќи како-така се договорија со МОН, двата најголеми играчи, „Арс Ламина“ и „Арбериа дизајн“, не ни почнаа да преговараат за цената на учебниците откако Министерството им побара да достават договор за авторски права и да покажат како стигнуваат до цената
Откако на еден од сопствениците на „Арс Ламина“ му посочивме дека дел од учебниците се значително поевтини на интернет-страницата на компанијата отколку што лани ѝ ги продале на државата, набрзо по интервјуто цените на веб-страницата поскапеа, а истото се случи и со цените на учебниците во книжарниците
Додека се протестира против најавените дигитални учебници пред вратите на Министерството за образование, зад нив се води „битка“ – колку пари ќе ја чинат државата постојните учебници за основно и за средно образование.
Дел од издавачите, меѓу кои и оние со најголема заработка од учебниците, „Арс Ламина“ и „Арбериа дизајн“, годинава не почнаа преговори откако Министерството им побара доказ за авторски права и формула по која ја формираат цената за учебниците.
„Зошто ние ги бараме овие параметри? За да стигнеме до некоја позиција во којашто тие не смеат да одат погоре, а ние не смееме подолу“,
вели министерката за образование и наука Мила Царовска.

„За нашите изданија авторските права ги поседуваме ние, така што самите со себе договор немаме“,
вели Дарко Фидановски од издавачката куќа „Арс Ламина“.
Секоја година цената на учебниците се договара во преговори меѓу купувачот и продавачот. Апсурдно, најдовме примери дека издавач ѝ продавал книги по речиси двојно повисока цена на државата отколку што ги продава во книжарница.
„Не знам ,треба да проверам што стои на нашиот сајт – може да е стар податок“,
вели Фидановски.

Неколку часа по ова интервју, цените се „испеглаа“ и онлајн и во книжарниците.
„- Учебникот колку е?
– Па еве сега имаме нови цени…по 700.
– А зошто нови? Па не знам, сега ми стигнаа, не знам ни јас“,
ни рекоа на едно од продажните места.
Среда, 26 мај. Девет часот наутро во просториите на Министерството за образование пристигнуваат претставници на издавачки куќи. Тука се за преговори, бидејќи ова се деновите од годината кога државата купува учебници за основците и средношколците. Лани сметката беше 5,5 милиони евра.
За разлика од други набавки во кои за една работа може да се пријават повеќе фирми, тука постапката е поинаква. Секој ги продава само книгите за кои има авторски права, а за кои добил одобрение од Министерството. За една книга, авторски права има само една издавачка куќа.
Цената се утврдува буквално како на пазар. Претставниците на Министерството се ценкаат со секоја издавачка куќа поединечно додека не се дојде до заемно прифатлива сума.
Но, годинава Министерството воведе новина во преговорите. Побара од издавачите да прикажат договори за авторски права и да објаснат како ја формирале цената на учебникот.

„Покрај другите елементи за формирање на цената, треба да прикажат и колкава е цената на авторското право по учебник, што сметаме дека е многу важно, дали авторското право учествува во цената со 10, 20 отсто од цената, тоа МОН и јавноста треба да го знаат – која е цената на авторското право што го плаќаме за секој учебник“,
вели Снежана Костовска-Фрчковска, посебен советник за буџетска координација во МОН
Дел од издавачките куќи не беа спремни со бараните документи, па најавија дека дополнително ќе ги достават кога ќе се повтори постапката.

„Не знам што е причината, освен договори, ни бараа и како е дојдено до цената, некои формули таму што тешко е да се направат, бидејќи за да се направи учебник не влијае во цената само авторското право, има и други причини“,
вели Дритон Ајрулаи од издавачка куќа „Албас“
Други, пак, влегоа во преговори, а повикувајќи се на ковид-кризата, побараа повисоки цени.
„Просветно дело“, на пример, за еден од учебниците побара 17 отсто повисока цена. По одредено време дебата за тоа дали хартијата поскапела или не, издавачот попушти, па падна компромис за 1 и пол отсто пониска цена од вкупната ланска набавка.
И издавачката куќа „Македонска искра“ попушти за цената. Иако бараа повисоки цени од лани, со МОН најдоа компромис за 2 отсто пониска цена од претходната набавка. На заминување, издавачите им порачаа на членовите на комисијата да го имаат попустот на ум кога утре ќе се вратат да преговараат за учебниците за средно.

„– Зошто кога можеше и под 2 отсто одевте со три проценти повеќе од лани. Како ви се исплати и за помалку?
– Видете, да ви кажам. Гледате како е тешка ситуацијата. И за МОН е тешко и за нас и зошто да не најдеме компромис да има и за нив и за нас. Мислам дека е најреално, иако сите цени се качени. Но во интерес на децата и државата дадовме поголем попуст“,
вели Драган Поповски од издавачка куќа „Македонска искра“
Додека едни како-така се договорија, двата најголеми играчи, „Арс Ламина“ и „Арбериа дизајн“, не ни почнаа да преговараат за цената по новите барања на Министерството. Тоа се издавачките куќи кои ги имаат правата, а со тоа и монополот на т.н, Кембриџ-учебници, бидејќи по закон – за еден наставен предмет може да се користи само еден учебник.
Од воведувањето на Кембриџ програмата во 2014 година, „Арс Ламина“ има приходи од околу 18 милиони евра од продажба на учебници на државата. „Арбериа дизајн“ ѝ продала книги во вредност од околу 12 милиони евра на државата во истиот период, а во 2015 година беше и најголем поединечен донатор на ДУИ.
Досега нивните договори за откуп само се обновуваа.

„- Ова е деветти кабинет, првпат се бара нешто што нема врска со постапката.
– Ќе се жалите понатаму?
– Сигурно. Сигурно. Ќе ги користиме своите законски права“,
рече Фидановски од „Арс Ламина“
Следниот ден, во четвртокот, се преговараше за учебниците за средно образование. „Арс Ламина“ и „Арбериа дизајн“ дојдоа во Министерството, но останаа на истиот став.
Од „Арбериа дизајн“ подоцна ни објаснија дека тие ги поседуваат авторските права, доказ што се приложува кога се одобруваат учебниците токму од МОН. За барањето за формула за пресметка на цената велат дека е комплексно прашање.

„’Арбериа дизајн’ ги достави сите документи што се потребни за законско докажување на техничка и други способности. Од страна на Комисијата за јавни набавки беше оценето дека имаме недостиг од документација и постапката за преговарање беше прекината. Се надеваме дека Комисијата за јавни набавки ќе ги увиди сите недостатоци на самата постапка, ќе ни ја уважи доставената документација и ќе успееме да склучиме договор“,
велат од „Арбериа дизајн“
Преговори за средно не почна ниту „Арс Ламина“.
„Јавете се, цела постапката ќе ви ја објаснам. За да нема утре преписки по медиуми, тужби и слично“,
рече Фидановски до „Арс Ламина“.
Наредниот ден Дарко Фидановски, еден од основачите на „Арс Ламина“, ни рече дека доставиле доказ за нивните авторски права пред учебниците да бидат одобрени од Министерството и дека сега не може да им се бараат такви документи ниту детални образложенија за начинот на кој е формирана откупната цена.

„Професионална и техничка способност, значи дали ги имаме ние луѓето – професионални и техничките можности – дали можеме да ги отпечатиме, дали финансиски сме способни, тоа се услови. Авторски права не се техничка способност. Најмалку може по Законот за јавни набавки да го цепкате производот – колку е каросеријата, колку е моторот, колку гумите – вкупна цена. Ние продаваме учебник со години. Зошто сега се проблематизира тоа“,
вели Фидановски.
Но, министерката Мила Царовска има поинаков став од издавачите. Вели дека досега не видела документ дека учебниците се одобрени од „Кембриџ“, иако за дел од нив низ годините Министерството ја продолжило важноста на одобренијата за употреба откако се направиле одредени корекции во содржините.
„Законски е утврдено дека по Кембриџ програмите е потребно да се преговара со компании коишто добиле ексклузивно право, да кажеме, на учебник по таа програма. Но, за тоа тие треба да имаат потврда дека тој учебник е одобрен од Кебриџ програмата. И тоа е законски уредено. Ние токму тоа го бараме, дека она што го откупуваме е во согласност со Кембриџ. Да, имало конкурс на којшто тие се пријавиле, но во моментот на преговарање за цена е значајно да се знае и тој параметар во формирањето на цената за никој да не изгуби во тој процес и за да се заштитат јавните пари“,
вели Царовска.

Царовска вели дека целта е да се стигне до реалната цена на учебниците, за кои одамна има сомнежи дека се купуваат со „напумпани“ цени.
„Сметам дека целиот процес е законски издржан и дека е многу значајно на овој начин да се водат преговорите. Зошто? Затоа што кога нештото го купувате, треба да знаете од кој квалитет е, како е формирана цената и колку плаќате за продуктот и што е причината за плаќањето. Затоа што она што го видовме е дека цената варира од година во година, иако репроматеријалите како хартија на домашен пазар паѓаат“,
вели Царовска.
Колку се менува цената, може да се види од преговорите од минатите години. На пример, учебникот по математика за осмо одделение од „Арс Ламина“ во 2016 година државата го купила за 712 денари, по уште едно покачување, цената паѓа во 2018, за во 2020 да стигне до речиси 900 денари откупна цена. Учебникот по биологија за осмо одделение од „Арбериа дизајн“, пак, во 2016 чинел 712 денари, а лани откупната цена била речиси 1 000 денари. Слични се вариациите и кај други учебници и издавачи.

Сомнежите дека цените се надувани ги подгрева и друг факт. Дозволено е издавачите да ги продаваат учебниците и во книжарница, по цената по која ги откупува Министерството. Но, на интернет-страницата на „Арс Ламина“, на пример, забележавме дека дел од учебниците се значително поевтини отколку што лани ги купила државата. Математика за осмо одделение на слободен пазар чини 623 денари, а државата учебникот лани го платила 892 денари без ДДВ. Слични се разликите и за други учебници.
Кога првпат му ги предочивме овие разлики на еден од сопствениците на „Арс Ламина“, Дарко Фидановски, тој рече дека најверојатно е грешка.
„– Вие тврдите дека нема разлики во цените? По иста ги продавате?
– Нема, нема. По истата цена, да.
– И на МОН и во слободна продажба? На истите учебници?
– Да. И сега од септември цената што ќе ја постигнеме сега МОН, истата ќе биде и во слободна продажба за кој сака да може да си го купи ако има потреба“,
вели Фидановски.
Зошто учебниците на интернет-страницата се со пониски цени од тие по кои лани ги откупила државата, Фидановски одговори дека станува збор за стара набавка од 2018 година, која тогаш соодветствувала со откупната цена за МОН.
„Имате една година каде што тогаш министерот излезе и кажа дека поради тоа што се препечатуваат цели тиражи има намалување на цените. Значи, договорно беше. ‘Луѓе, сакаме да го измениме ова во учебниците, според законот и сакаме да ни дадете нови тиражи, но цената мора да биде пониска’. И ние тоа го прифативме. И веројатно цената е останата од тогаш. Зборувам на сајт, затоа што не ни е ажуриран и работиме на комплетно нов сајт“,
додава тој.
Неколку часа по интервјуто и, како што вели Фидановски, „по нашата сугестија“, цените на интернет-страницата на „Арс Ламина“ се зголемија и приближно се израмнија со цената по која лани ги откупила државата.

Но, не била проблем само интернет-страницата. Истиот ден веднаш се зголемија цените и на продажните места.
„- Барам математика за четврто и петто одделение. Учебникот колку е?
– Еве, сега имаме нови цени… математика 714-761 денари за петто.
– А зошто нови?
– Не знам. Сега ми стигнаа, не знам ни јас…
– Од денес е ова?
– Да.
– А колку беше претходно?
– 400 и нешто.
– До вчера?
– Да.
– Секаде, кај и да одам во „Литература“ е вака?
– Да, да, секаде“,
ни рекоа во една од книжарниците во Скопје.
Зошто одеднаш се зголемија и цените на учебниците на „Арс Ламина“ во книжарниците? Ова е објаснувањето на Фидановски:
„Ги покачивме за вие да не правите сторија од тоа во недостаток на други аргументи. Повторувам дека таму се поставени за да може да бидат достапни во случај на оштетување или нешто слично. Се работи за десетина копии годишно и воопшто нема никакво значење за темата за која зборуваме и не треба да се вади од контекст. Впрочем, ако на залиха останале копии, цената може да се редуцира, тоа е нормално во целиот свет“,
вели Фидановски.
За ситуацијата на која сведочевме, како и за тоа – кога и како издавачите се должни да ги израмнат цените во книжарниците со тие по кои ѝ ги продаваат на државата, прашавме и во Министерството.
Оттаму, повикувајќи се на законот, ни одговорија дека издавачот може да пушти одобрен учебник во слободна продажба, но според последната цена по која го откупува Министерството. На потег е Државниот просветен инспекторат.