Ако сум згрешил затоа што сум коментирал дека не е добро да нема втора страна во која било сторија или прилог, тогаш се извинувам за тоа, рече премиерот Зоран Заев за критиките што ги доби од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) откако во интервју за „Фокус“, во врска со истражувањето на ИРЛ за загадувањето на воздухот и спорниот мазут, коментираше дека не била застапена втора страна во приказната.
„ЗНМ ме обвини затоа што сум искоментирал дека во истражувачка сторија или во каква било сторија мора да ја има и втората страна. Јас така сум учен, морав да научам што значи медиуми, работење со медиумите. Јас работам со медиумите, знам дека е исправно и етички да се праша и другата страна. И реков дека е непримерно да не се праша и другата страна и добив критика од ЗНМ. Се извинувам ако сум згрешил со тоа. Јас сум веројатно еден од повлијателните луѓе во државата што можам да се пофалам дека креирајќи политики и атмосфери сум овозможил многу поголема слобода и на медиумите и на истражувачкото новинарство, но и на целокупните слободи во државата“,
рече Заев.
ЗНМ ги осуди забелешките на премиерот за истражувањето на ИРЛ како непримерни и порача дека јавните коментари на функционери поврзани со истражувачката работа на новинарите може да поттикне сомнеж во кредибилноста на работата, а со тоа и да се влијае на ограничување на слободата на изразувањето.
„Вакви ставови за работата на новинарите од страна на високи владини и партиски претставници може да создадат „ефект на ладење“, а со тоа да се одвратат новинарите да работат на теми поврзани со корупција и злоупотреба на власт. Дали некој новинарски продукт е етичен или не треба да одлучуваат саморегулативните тела. Доколку засегнатите страни на кои се однесува конкретната истражувачка сторија, имаат забелешки околу применетите етички стандарди, потсетуваме дека постојат функционални механизми на медиумска саморегулација каде секој граѓанин може да поднесе претставка“,
реагираа од ЗНМ.
Исто така, реагираа и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) дека функционерите треба да се воздржат од јавно изнесување сомнежи за кредибилноста на новинарските стории, а ако некоја засегната страна смета дека не се испочитувани стандардите и принципите на однесување, тогаш нека ги искористи механизмите што ѝ се на располагање и да се обрати до саморегулаторните тела.
