Ректоратот на универзитетот „Мајка Тереза“ реагира поради непочитување на нивното барање за приоритетна вакцинација со што, како што наведува, ќе се овозможеше непречен почеток на новата академска 2021/2022 година.
„Академскиот и административниот кадар на УМТ беа крајно огорчени по информацијата дека некои универзитети веќе биле организирани и ја примиле и втората доза вакцина за заштита од ковид-19. Поради тоа, Ректоратот е должен јавно да го искаже своето незадоволство и бара реализирање за организирање на вакцинација. Убедени сме дека само навременото спроведување на вакцинацијата на вработените во УМТ, како и на другите универзитети, ќе обезбеди навремено и успешно почнување на академските активности за зимскиот семестар,“
велат од УМТ.
Претходно и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, реагираше зошто вработените од Универзитетот „Гоце Делче“ во Штип се вакцинирале, а кадарот на најголемиот скопски универзитет сѐ уште немал термин за вакцина против ковид.
„Како ректор на УКИМ во Скопје, со најголем број студенти и вработени во високото образование и како здравствен работник, сериозно сум загрижен за односот на надлежните авторитети кон високото образование, во врска со имунизација на вработените заради претстојната испитна сесија и високообразовниот процес воопшто. Очекував дека штом вработените на еден универзитет се вакцинирале, тогаш надлежните имаат распоред и за другите универзитети и дека за распоредот ќе бидеме известени. Но, за жал, изгледа такво нешто не постои“,
изјави Јанкуловски.