Децата на возраст од 12 до 16 години да се вакцинираат со вакцината на „Фајзер“, во оваа насока размислуваат здравствените власти пред почетокот на идната учебна година. Министерот Венко Филипче најави дека ќе се евалуираат истражувањата за вакцинација на оваа категорија, по добиените сознанија на Американската агенција за лекови која одобри вакцинација на овие малолетници во САД. Вакцината нема да биде задолжителна, а паралелно, во текот на летните месеци ќе се подготвува и посебен протокол за настава со физичко присуство од септември за сите ученици.
„Комисијата за заразни болести и претставници на МОН ќе работат да се направи еден протокол, препорака, вклучувајќи ја и таа за вакцинација, да видиме какви ќе бидат сознанијата за да се вратат учениците со физичко присуство од 1 септември“,
рече Филипче.
По САД и Канада, и европските држави размислуваат да почнат со вакцинација на деца против ковид, иако од Европската агенција за лекови сѐ уште нема официјална одлука. Вчера Германија најави дека родителите од јуни ќе можат да почнат да ги пријавуваат своите деца над 12 години за вакцинација.
Можно враќање на учениците во училишните клупи од септември, денеска најави и премиерот Заев, кој рече дека сепак пресудна ќе биде епидемиолошката состојба на заразата во идниот период.
„Најважно е каква ќе биде состојбата кон крајот на август за да се носат одлуките за од 1 септември. Јас сум за физичка настава, со физичко присуство. Мислам дека ќе имаме стабилна состојба, посебно со вакцинацијата и сега во моменти кога се опаднати бројките и на заразени и во болници, би требало да биде добра основа да тргнеме со физичко присуство во училиштата, па ако има некоја потреба ќе одиме со затворање, времени мерки или слично“,
изјави Заев.