Педесетина текстилни работници од штипската фирма „Алкон-текс“ денеска протестираа поради неисплатена плата за април. Повеќето од нив велат дека се на принуден одмор, со образложение од менаџментот дека е намален интензитетот на работа. Работниците беа поддржани од здружението „Гласен текстилец“ од каде што велат дека работодавачот калкулирал да ги префрли вработените од стара во нова фирма, но во меѓувреме ги оставил без исплата на плата и придонеси.
„По неколкумесечни калкулации од страна на работодавачот за префрлање на работници од стара во нова фирма, доведе до ситуација поголем број работници да бидат испратени на принуден одмор, односно работодавачот е должен да му исплати на работникот кој го испратил на принуден одмор плата во висина од 70% од платата на работникот“,
стои во објавата од „Гласен текстилец“
Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, станува збор за 110 работници што добиле решенија за привремен принуден одмор, а во кои било наведено дека за времетраењето на оваа состојба, работодавачот ќе пресметува и ќе им исплаќа плата во висина од 70 отсто, што не се случило.
„Текстилната индустрија е убедливо најслабо платена индустрија, а текстилните работнички често добиваат плата која не е многу повисока од минималната. Жените кај нас се доминантно застапени во работната сила во текстилната индустрија, што значи дека овие прекршувања на работничките права особено ги погодуваат нив и не може да се занемари родовата димензија на овој проблем“,
алармираат од Хелсиншкиот комитет.
Поддршка на работниците им дадоа и од Конфедерацијата на слободни синдикати, кои ги повикаа институциите да го проверат случајот со префрлање на капиталот од една во друга фирма.