Бугарскиот претседател оцени дека заедничкото оддавање почит на Кирил и Методиј во Рим е прекрасен повод за обновување на дијалогот меѓу двете страни на највисоко ниво
Кратки пораки за обновување на довербата и на дијалогот на највисоко ниво искажаа претседателите на Бугарија и на С Македонија, Румен Радев и Стево Пендаровски, по денешната куса средба на скопскиот аеродром, пред заедничкото патување за Рим и чествување на светите браќа Кирил и Методиј.
Радев околу пладне пристигна на Меѓународниот аеродром „Скопје“ со бугарскиот авион, со кој заедно со Пендаровски ќе патува до Рим. По средбата со македонскиот претседател, тој оцени дека заедничкото оддавање почит на Кирил и Методиј во Рим е прекрасен повод за обновување на дијалогот меѓу двете страни на највисоко ниво.
Тоа е одлична можност за изразување на нашата заедничка волја за развој на нашите односи во духот на соработката, пријателството и добрососедството“,
истакна бугарскиот претседател во кусата изјава на скопскиот аеродром.
Додаде дека во текот патувањето ќе имаат уште можности за разговор со Радев и за време на престојот и на враќање од Рим, а фокусот ќе биде на актуелните прашања во рамки на билатералните односи меѓу двете земји.
„Ние сме тука за да ја релаксираме атмосферата, да говориме со еден поинаков јазик. Постои потреба од обновување на довербата и како пријатели да разговараме и за најтешките прашања, кои во моментов нѐ разделуваат, а јас се надевам дека наскоро ќе не зближуваат“,
изјави Пендаровски.
Двајцата претседатели утре ќе ја посетат базиликата „Санта Марија Маџоре“ и заеднички ќе им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј.
Положувањето цвеќе во спомен на сесловенските просветители на плочите на македонски и на бугарски јазик и воопшто заедничката посета на двете делегации се оценува како чекор кон затоплување на климата меѓу двете земји, во момент кога на маса е ставен португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија и за деблокада на процесот на евроинтеграција на Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски денеска попладне во Рим ќе оствари средба со италијанскиот претседател Серџо Матарела, по што ќе даде изјава за медиуми.
Во рамки на посетата за денеска е планирано и потпишување на договор за соработка меѓу Медиумската информативна агенција и Бугарската информативна агенција.
Шефот на државата утре ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црквата, папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин. Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на свети Кирил.