Жители на Гома во Демократска Република Конго денеска почнаа да се враќаат назад во градот, но не сите ќе ги најдат своите домови, бидејќи по синоќешната ерупцијата на вулканот Њирагонго, околу 600 домови се уништени од лавата која стигна до градот.
Пет лица загинаа во сообраќајна несреќа обидувајќи се да се евакуираат навреме пред лавата да ги стигне.
Вулканот Нирагонго се наоѓа во националниот парк Вирунга, на помалку од 20 километри северно од Гома и недалеку од границата со Руанда. Лавата пристигна до Гома, која брои два милиона жители.
По ерупцијата жителите на Гома го напуштија градот и побегнаа во Руанда. Руандските власти ги олеснија граничните ограничувања и им овозможија на граѓаните влез во земјата.
Поголемиот дел од лавата помина низ националниот парк, во кој има најразновидните растителни видови и заштитени планински горили.
Вулканот Њирагонго последен пат еруптираше во 2002 година, кога лавата уништи големи делови на Гома, при што загинаа околу 250 лица, а 120 000 лица останаа без своите домови.
