Според ЦДЦ случаите најчесто се јавуваат во рок од четири дена по приемот на вакцината, без да се прецизира за која вакцина станува збор. Соединетите држави дадоа одобрение за две вакцини „Модерна“ и „Фајзер“
Случаи на воспаление на срцевиот мускул, миокардитис, се пријавени кај тинејџери и млади возрасни лица кои примиле вакцина против ковид 19, објави советничката група на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), препорачувајќи дополнителни истражувања за оваа ретка состојба.
Советодавниот одбор за практики за имунизација при ЦДЦ соопшти дека ги проучувал извештаите дека неколку млади луѓе, претежно тинејџери и млади лица, главно мажи, развиле миокардитис или воспаление на срцевиот мускул.
Состојбата обично поминува без компликации и може да биде предизвикана од разни вируси, соопшти ЦДЦ.
Системите за надзор на ЦДЦ не откриле повеќе случаи отколку што се очекувало кај населението, но членовите на одборот за вакцинација сметаат дека оние што даваат здравствени услуги треба да бидат запознаени со извештаите за „потенцијално штетни состојби“, велат од одборот.
Д-р Амеш Адаjaа, постар научник од Џон Хопкинс – Центарот за здравствена безбедност, вели дека познато е оти вакцините предизвикуваат миокардитис и дека е важно да се следи ова за да се утврди дали е поврзана со оваа вакцина, како и да се земе предвид обемот на ризици и придобивки.
„Вакцината дефинитивно ќе биде многу покорисна и ќе го надмине овој многу низок ризик, доколку конечно се утврди дека е поврзан со вакцината“,
вели д-р Адаjaа.
Според ЦДЦ случаите најчесто се јавуваат во рок од четири дена по приемот на вакцината, без да се прецизира за која вакцина станува збор. Во САД се одобрени две вакцини „Модерна“ и „Фајзер“.
Израелското Министерство за здравство во април соопшти дека проучува мал број случаи на воспаление на срцевиот мускул кај луѓе кои примиле вакцина „Фајзер“, иако сè уште не се донесени заклучоци. Повеќето случаи во Израел се пријавени кај лица помлади од 30 години.
„Фајзер“ тогаш соопшти дека не е забележана поголема стапка на вакви случаи отколку што би била нормална кај општата популација и дека не е утврдена поврзаност со вакцината.
И ЦДЦ на крајот на април, по веста за израелската истрага, рече дека не гледа поврзаност.
Претходно овој месец, регулаторите на САД го продолжија одобрувањето на вакцините „Фајзер/ Бионтек“ против ковид-19 за деца на возраст од 12 до 15 години.
