Се намалува бројката на пациенти кои се хоспитализирани како последица на ковид. Во моментов, според податоците на Министерството за здравство, се лекуваат вкупно 340 лица низ болниците во земјава, а слободни се околу 559 болнички кревети.
Во изминатото деноноќие во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 23 нови пациенти, а вкупно 129 лица суспектни и потврдени на ковид се лекуваат низ болниците во главниот град. Останатите 211 пациенти се хоспитализирани низ болниците во внатрешноста на земјава.
„Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка“,
велат од Министерството за здравство.
Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.