Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска денеска излегоа со различни информации за тоа до каде е расчистувањето на случајот со групата „Јавна соба“ на апликацијата „Телеграм“ во која се споделуваа експлицитни фотографии и видеа на девојчиња од земјава, меѓу кои има и малолетнички.
Чулев денеска на прес-конференција рече дека групата има двајца администратори и двајца модератори, но посочи дека тие не се познати.

„Сè уште не ни се познати администраторите, се работи за оперативни информации. Мора да ги потврдиме за да имаме релевантни податоци. Имаме одредени оперативни сознанија во смисла на администраторите, меѓутоа тоа сè уште е во оперативна фаза и во истрагата“,
рече Чулев.
Министерот посочи дека полицијата веќе располага со многу релевантни сознанија за идентификување на дел од луѓето кои ја менаџирале оваа група, но во интерес на истрагата не сакаше да оди со конкретни имиња зашто случајот е во фаза на истрага.
За разлика од него, пак, Петровска преку социјалните мрежи соопшти дека еден администратор и креатор веќе биле повикани во полициска станица.

„Продолжува истрагата на Бирото за јавна безбедност во врска со групата ‘Јавна соба’ на ‘Телеграм’. Вчеравечер во полициска станица беа повикани две лица, од кои едното е администратор, а другото креатор на групата ‘Јавна соба’. По извршените разговори и прибавените докази, против нив ќе биде поднесена кривична пријава. БЈБ продолжува со активности за евентуална вмешаност и на други лица“,
наведува Петровска.
Групата „Јавна соба“ имаше околу 7.400 члена, кои најчесто користат псевдоними и во неа се споделуваат фотографии и видеа на малолетнички од земјава, некои со име и презиме. Еден од администраторите на групата, во која се влегува само преку пријател, е со псевдоним Медо.
Поврзани вести:
Бирото за јавна безбедност започна истрага за групата со малолетничка порнографија на Телеграм
МВР чека Телеграм да ја избрише групата со експлицитни фотографии од малолетнички