Пред да дојдат во Скопје, Силва и Вархеји беа во Софија, каде што на тамошните власти им го презентираа предлог-решението
Шефот на дипломатијата во привремената техничка влада на Бугарија, Светлан Стоев, изјави дека не може да се очекува промена на националната позиција на Бугарија во однос на Република Северна Македонија
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и министерот за надворешни работи на Португалија, Силва, во Скопје попладнево донесоа предлог-решение за надминување на проблемот со Бугарија, што премиерот Зоран Заев во изјавата по средбата го оцени како добра основа за отстранување на сите пречки и за отворање на преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија.
„За нас е особено важно што со ова предлог-решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија. После ова, сметаме дека сме во вистинскиот момент да одиме чекор понатаму, да се вложиме сите и час поскоро да постигнеме договор во интерес на заедничката европска иднина“,
изјави Заев и додаде дека со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаат сите детали од предложеното решение.
Тој им се заблагодари за, како што рече, нивната професионалност, посветеност и одлучност да ѝ помогнат на Северна Македонија, на Бугарија, на целиот Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа, за сите заедно да продолжиме на патот кон прогресот и просперитетот.
„Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ“,
рече Заев.
„Нашата цел е во текот на нашето претседателство со Советот на ЕУ да добиеме одобрение од сите земји членки на ЕУ и да ја започнеме преговарачката рамка со С Македонија и Албанија и да ја одржиме првата меѓувладина конференција со двете земји“,
изјави португалскиот министер по средбата.
Тој посочи дека за нив е важно да одржат политички консултации и тука во Скопје со македонските власти, оценувајќи ја средбата како плодна, која дала увид во ставовите и интересите на С Македонија што ќе му помогне на португалското претседателство.
„Процесот на проширување е важен, не само за земјите кандидати туку за целата Европа, бидејќи тоа ќе ни овозможи безбеден, стабилен и просперитетен регион. Очекуваме и унапредување на процесот и да ја подобриме преговарачката рамка која се однесува на С Македонија и Албанија“,
рече Силва.
Пред да дојдат во Скопје, Силва и Вархеји беа во Софија, каде што на тамошните власти им го презентираа предлог-решението.
Шефот на дипломатијата во привремената техничка влада на Бугарија, Светлан Стоев, изјави дека не може да се очекува промена на националната позиција на Бугарија во однос на Република Северна Македонија и дека за нив останува клучно да се одржат добрососедските односи и да се добијат потребните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство.