На забелешките реагираше Димитар Карапенов претставник на бугарската амбасада во Скопје, кој рече дека Бугарија ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија и дека не е вистина дека се прави опструкција
Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн вели дека португалското претседателство во моментов работи напорно да се најде консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија до Советот на ЕУ закажан во јуни. Таа жали што Германија не успеала да го постигне ова за време на нивното претседателство со ЕУ додавајќи дека за Северна Македонија не постои друг простор за маневрирање и оти има црвени линии што не смеат да се преминат.
„Ние, Германија, сѐ уште жалиме што не успеавме да го постигне овој консензус за време на нашето претседателство и покрај сите напори што ги вложивме и покрај инволвираноста на нашиот владин врв. Денес даваме поддршка на Португалија колку што можеме до максимум“,
рече Холштајн на дебатата „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“, во организација на Европското движење на С Македонија.
Во носењето одлуки во рамки на ЕУ, Холштајн ја посочи едногласноста, а обидите да се отстрани ваквиот пристап досега не биле досега, особено во однос на процесот на проширување.
„Значи, 26 земји членки се држат како заложници од некои мали национални интереси на една земја која прави штета на целата Европска Унија и го уништува нејзиниот кредибилитет на Западен Балкан. Не сакам да зборувам за Западен Балкан како наше соседство затоа што Западен Балкан е всушност дел од Европа и тие се поврзани и ние сме сите поврзани со споделена и заедничка историја, и луѓето и економиите се многу повеќе испреплетени меѓу себе“,
рече Холштајн додавајќи дека една силна ЕУ има потреба од силен и стабилен Западен Балкан и тоа отсекогаш било една од клучните цели на ЕУ и на самата политика на проширување.
Исто така, Холштајн е децидна дека мешаните сигнали што се праќаат до земјите аспиранти не се во ничија корист.
„Северна Македонија, за жал, се соочува со вакво нешто веќе 15 години. Низ времето ги исполни сите услови што се бараа од неа, па дури и најтешките, поврзани со нејзиното име. Може само да се сомневаме дали и друга европска земја би имала волја да направи вакво нешто. Минатата година С Македонија исто така, се соочи со уште една пречка, а сепак и тука тоа е поврзано само со националните интереси на една земја. Минатата есен ЕУ направи уште едно барање, а тоа беа историските услови, што е точно, а што не, во изминатите сто години за историјата на Балканот. И на крајот на годината се направи ваква проценка, што ќе биде дел од критериумите за пристапување“,
рече Холштајн.
На забелешките реагираше Димитар Карапенов, претставник на бугарската амбасада во Скопје, кој рече дека Бугарија ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија и дека не е вистина дека се прави опструкција.
„Перцепциите дека Бугарија на некој начин го опструира процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ е неточен. Неточни се тие забелешки. Секој треба да оди во заштита на своите национални интереси. Добрите соседски односи и соработка и целосната имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година се услов за евроинтеграција“,
рече тој.