На предлог на Комисија за именување, Владата на денешната седница ја именуваше Анета Симеска Димоска за в.д. директор на Државниот пазарен инспекторат, орган во состав на Министерството за економија.
Анета Симеска Димоска е дипломиран инженер технолог и магистер по бизнис администрација со специјалност за комерцијална ревизија на финансиски извештаи во услови на примена на информациските технологии. Има 28 годишно работно искуство, од кои 19 години како државен пазарен инспектор, а од 2017 до 2020 година беше пратеник во Собранието.
Симеска Димоска доаѓа на местото в.д. директор на ДПИ, откако пред неполн месец Владата го разреши Стојко Пауновски. Тој беше разрешен бидејќи одби да ги прифати 35 рамковно вработени кои беа доделени на ДПИ од Министерството за политички систем и односни меѓу заедниците.
Владата денеска донела одлука и да му предложи на Собранието за заменик на директорот на Агенцијата за администрација да го именува Агрон Сефери, а на Управниот одбор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, ќе му препорача за вршител на должност заменик на директорот, да биде реизбран Самка Ибраимоски.