Претседателот вели дека нема да има никакви преговори, но очекувано е дека неофицијално ќе зборуваат и за бугарското вето
На заедничкото патување гледа и како на потег кој ќе ја олабави атмосферата во пресрет на преговорите кои ќе следуваат понатаму помеѓу владите
Претседателот Стево Пендаровски вели дека на заедничкото патување со бугарскиот колега Румен Радев за Ватикан наредната недела нема да има официјални преговори околу спорот со официјална Софија, но очекува неформален и џентлменски разговор.
Како што изјави претседателот, тие не одат на патување и средби во Ватикан кај папата за да го решаваат спорот туку за да го чествуваат 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј.
„Сигурно ќе стане збор, ама тоа ќе биде неформален контакт, муабет. Воопшто не е планирано да има некои формални разговори. Не затоа што е ситуацијата во Софија таква со службена влада, туку затоа што претседателот таму, како и тука, оперативно не ги води тие работи. Владите ги водат. Сигурно дека не е реално дека воопшто нема да прозбориме за проблемот, меѓутоа нема да бидат тоа преговори. Јас ќе се обидам да останам во оние рамки во кои бев во телефонскиот разговор со него пред повеќе месеци. Имавме тогаш долг разговор на таа тема, секој остана на своите позиции, јас информирав за тоа. Меѓутоа, чинам дека Радев има една поумерена реторика со која ги објаснува бугарските ставови и очекувам повторно да биде еден достоинствен меѓу двајца џентлмени“,
изјави претседателот.
Двете делегации ќе отпатуваат заедно со бугарскиот државен авион. Предлогот го дал Радев пред повеќе од еден месец, а Пендаровски смета дека тоа е добар политички гест и нагласува дека заедничкото чествување не е ништо ново, туку нешто што го прават традиционално.
„Заради здравствените протоколи што важат кај папата, не одиме баш на денот – 24 мај, ќе одиме на 26 и 27 мај. Мислам дека е еден добар симболичен политички гест од двете страни, малку да ја олабавиме атмосферата во пресрет на она што ќе претстои понатаму, разговори, преговори за блокадата. Значи, не е целта да преговараме, целта да чествуваме, едни од личностите кои дури и во комисијата на историчари не беа спорни“,
вели Пендаровски.