Продолжува да се намалува бројот на лица што се позитивни на коронавирусот и се лекуваат во ковид-центрите низ земјава. Според последните податоци на Министерството за здравство, вкупно се хоспитализирани 490 пациенти, а слободни се околу 750 кревети.
Во последното деноноќие само во Скопје се хоспитализирани шест нови пациенти со компликации на вирусот.
„Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 490 и има околу 750 празни болнички кревети во ковид-центрите. Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти“,
велат од Министерството за здравство.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 31 пациент позитивен и сомнителни на ковид-19, во Штип се хоспитализирани 33 пациенти, а на инфективното одделение во Тетово има шест пациенти.
Во велешкиот ковид-центар се сместени 33 лица, во Куманово 51, а во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 30 пациенти. Намален е бројот и на хоспитализирани во Прилеп и сега има вкупно 22 пациенти, во Гостивар 11, а во Струга 16.
Во болниците во Струмица и Кочани има по 15 хоспитализирани пациенти, во Кичево 9, Кавадарци 10, а во Гевгелија болнички се лекуваат четири лица позитивни и сомнителни на коронавирусот.
