Грција од денеска ги крена рампите за странските туристи, вклучително и за државјаните на Северна Македонија, а мерките за влез се на сила од денеска (14 мај) до 24 мај.
Според информациите од нашето Министерството за надворешни работи (МНР), одлуката која ја усвоила грчката влада содржи два главни услови:
Сите патници кои влегуваат во земјата, независно од нивното државјанство, се должни да пополнат формулар ПЛФ на веб-страна travel.gov.gr, најмалку 24 часа пред датумот на влез. Пополнетиот ПЛФ формулар се смета за неопходен патнички документ за секој вид на влез во Грција;
Сите патници се должни да поседуваат потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест или доказ дека прележале ковид-19. Конкретно треба да имаат:
- сертификат за вакцинација на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа, согласно домашното законодавство и да имаат доказ дека се поминати најмалку 14 дена од денот на вакцинацијата. Сертификатот за вакцинација треба да содржи: име и презиме на лицето, како што е наведено во пасошот, видот на примената вакцина, бројот на примени дози и датумот на нивното примање;
- алтернативно, негативен резултат од ПЦР-тест, кој не е постар од 72 часа и е издаден од сертифицирани јавни или приватни лаборатории, на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик;
- алтернативно, патниците можат да остварат влез и со потврда за прележан ковид-19, дијагностициран со позитивен ПЦР-тест или потврда за присуство на антитела со важност од 2 до 9 месеци од датум на дијагностицирањето на болеста. Потврдата треба да е издадена од јавна установа или од сертифицирани јавни или приватни лаборатории од согласно националното законодавство на земјата на пристигнување, на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.
Ваквите обврски важат и за малолетни деца над 5 години и документи мора да се презентираат пред соодветните грчки погранични органи или Генералниот секретаријат за цивилна заштита.
По избор, дел од патниците ќе прават и брз тест на граница
Како што информираа од МНР, при влез во Грција дел од патниците ќе бидат избрани и да направат брз-тест на граница. Изборот кој да прави тест се врши врз основа на соодветен алгоритам, а патниците кои ќе бидат избрани се должи да останат на граничниот премин сè до издавањето на резултатот од тестот.
Против патниците кои ќе ги прекршат мерки, предупредуваат, ќе бидат изречени соодветни законски санкции.
Кое е работното време на граничните премини
Условите кои ги воведе грчката влада, велат од МНР важат за влез во земјава преку сите гранички премини односно на сите меѓународни аеродроми, пристаништа (Патра, Игумененица и Керкира), како и на граничните премини Промахонас, Ормениу и Евзони.
Во информацијата која ја споделуваат од МНР, работното време на граничните премини е следно:
- Промахонас и Ормениу се отворени 24 часа
- Евзони ќе работи од 7 до 23 часот по грчко време.