Македонците и Северна Македонија нема да преговараат за сопствениот идентитет, порачал премиерот на средбата со претседателот на ЕП во Брисел
Северна Македонија нема да преговара за сопствениот идентитет и нема да дозволиме таа тема да биде ставена на масата за дебата во име на стартот на преговорите со ЕУ, нагласил премиерот Зоран Заев на денешната средба со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли.
На средбата во Брисел присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ Агнеза Руси-Поповска.
„Заев, на средбата со Сасоли, нагласи дека неговата посета на Брисел во деновите кога министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ Брисел дебатираат за стратешкиот пристап на Унијата кон земјите од Западен Балкан, има за цел да биде слушната пораката дека Македонците и граѓаните на Северна Македонија нема да преговараат за сопствениот идентитет и нема да дозволат таа тема да биде ставена на масата за дебата во име на стартот на преговорите со ЕУ“,
се вели во соопштението од владината прес-служба за средбата Заев – Сасоли.
Премиерот, за време на разговорот со Сасоли, упатил благодарност до Европскиот парламент за поддршката што континуирано ја дава за Северна Македонија и изразил очекувања таа поддршка да биде уште понагласена во претстојниот период, за да се одобри организирање на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ, како почеток на процесот за пристапување на земјата во членство во ЕУ.