Идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на Северна Македонија – се согласиле премиерот Зоран Заев и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на средбата во Брисел. Како што соопшти владината прес-служба, Вархеји ја пречека македонската делегација со пораката дека неговата цел, како и целта на Европската комисија, е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
„Вархеји додаде дека ЕУ е посветена на Западен Балкан и дека денес, после 2,5 години, во Советот на министри за надворешни работи на членките на ЕУ се води стратешка дебата за Западен Балкан во која деблокадата на европскиот пат на Северна Македонија е приоритет број 1 и дека Брисел ги вложува сите напори и ги поддржува сите идеи за решенија со цел да се одблокира овој процес“,
соопштија од Владата.
Премиерот Заев порачал дека високо ги оценува заложбите на Европската комисија и дека очекува соодветно ниво на соговорници и соработници од страна на Бугарија. Техничката влада во Бугарија може да е можност за скорешно решение, но очекуваме другата страна да биде охрабрена за отвореност, подготвеност и посветеност кон решение, изјавил Заев.
„Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска Унија дека за нашиот идентитет нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна“,
изјавил Заев.
Во соопштението од Владата не се наведува дали било отворено и прашањето за раздвојување на Северна Македонија и Албанија во евроинтегративниот процес, тема која се наметна во јавноста по изјавите на Вархеји, а за која повеќе странски дипломати и угледни медиуми изминативе денови, повикувајќи се на извори од Брисел, пишуваа дека не соодветствуваат со официјалните ставови на Европската комисија.
Премиерот Зоран Заев заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска во Брисел ќе има средби и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, како и со извршниот потпретседател на ЕК , Франс Тимерманс.