По неколку одложувања, денеска како сведок во случајот „Рекет“, во кој се обвинети Бојан Јовановски и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, се појави Лиле Стефанова, која беше дел од СЈО. Таа тогаш, но и сега го води предметот „Империја“, во кој осомничен е бизнисменот Орце Камчев, кој е клучен сведок во предметот „Рекет“, бидејќи обвинението се однесува на земање пари од него со цел да добие поповолен третман во „Империја“.

Стефанова денеска во судницата сведочеше дека првичната наредба за истрага во „Империја“ била против 13 лица, за 5 лица имале собрано докази дека можат да ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоци или да избегаат. Таа објаснуваше дека Камчев има двојно државјанство, имот надвор од државата и силно влијание врз сведоците, а двојно државјанство имала и Зорица Арсовска, додека Цветан Панделески има имот надвор од државата и лична карта во Грција.
Сите овие докази, како што рече Стефанова, беа собрани и дадени во прилог со барањето за определување притвор. Таа рече дека не само што бил предложен притвор за сите пет лица, туку тој бил и одобрен.
Она по што оваа истрага била специфична, рече обвинителката Стефанова, е тоа што осомничените, на некој начин, успевале однапред да дознаат што презема СЈО – и предлозите за притвор, а претходно и наредбите за претрес. Таа денеска тврдеше дека е убедена дека и таа лично, но и Јанева, овие информации ги чувале во најголема тајност.
Осомничените секогаш однапред знаеја што ќе преземе СЈО
Таа првпат се посомневала дека некој ги информира осомничените за чекорите на СЈО кога требало да извршат претрес – и било кажано дека Камчев, заедно со Зоран Милески-Кичеец и со сопругата, ја чека подготвен, иако било 6 часот наутро.
„Кога отидовме на претрес во ,Орка Холдинг’, таму канцеларијата на осомничениот Ненад Јосифовиќ беше средена. Во ,Орка Холдинг’ беа и Михајло и Филимена Маневски. Претресот беше уредно завршен, тоа што го најдовме го одзедовме, беше одземен огромен материјал, кутиите беа запечатени и донесени во СЈО, каде се отвораа во присуство на осомничените. За цело време на предистрагата и истрагата, осомничените, а најмногу Камчев и Панделески, бараа начин како да влијаат на истрагата, праќаа разни емисари, политичари, бизнисмени, судии, обвинители… Сите тие обиди беа неуспешни и кај мене и кај Катица Јанева, тоа го тврдам. Во ниту еден момент во предистрагата ниту во моментот кога се отвори истрагата, Јанева не покажа дека сака да ја олесни положбата на лицата или да влијае врз мене“,
рече денеска Стефанова пред судот.
Но, како што рече, пресвртните моменти доаѓаат кога требало да се продолжи притворот.
„Ако дотогаш никогаш не се мешаше туку само ме сослушуваше ако имам нешто да и кажам, веќе во декември, Јанева почна да бара повеќе информации. Од една страна, тоа е нормално, ја повикуваа во емисии, се распрашува новинари и не гледав ништо чудно во тоа. Поучена од претходните истраги во СЈО, кога обвинетите знаеја вешто да ги избегнат поканите од СЈО за да не може да се подигне обвинение како во случајот ,Траекторија’ против Груевски, јас почнав да ги повикувам осомничените да ги запознаам со случајот“,
рече Стефанова.
Јанева бараше да нема притвор и за Јанакиески, Божиновски и Мијалков
Таа се наврати на 20 ноември 2018 година, кога го повикала Јордан Камчев. Во еден момент тој од џебот извадил еден лист со логото од „Систина“ и текст на кирилица и на латиница и и рекол да го прочита тој на латиница. Стефанова рече дека тоа бил текст напишан од Наташа Савова.
„На листот пишуваше дека за него во пакет за да излезе од притвор ќе се преземат определени мерки за кои ќе се погрижи Наташа Савова. Јас тоа и го дадов на Јанева, а таа не ми одговори ниту пак го коментиравме повторно. Во тоа време беше актуелно лица да бидат пуштени од притвор заради некакви гласања во Собранието и во средината на декември Јанева не повика во нејзината канцеларија. Ја образложуваше темата околу лобирањето за законот за ЈО и ми се обрати мене со зборовите: ,Лиле, еве ти ги петте предлози кои ги имаш дадено да се одбие жалбата за притвор, ќе ги преиначиш и ќе напишеш на овие осомничени наместо притвор да се определи куќен притвор. Тоа истото ќе го направиш и за Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, како и за Сашо Мијалков’“,
рече Стефанова.
Според нејзиното сведочење, таа се спротивставила на што добила дрзок одговор од Јанева дека тоа е нејзина одлука и дека треба сите да одат во куќен притвор бидејќи е важно за процесите во државата и за носење на законот за ЈО.
„Јас сум долгогодишен обвинител, но донесување на закон за ЈО не може да биде основа да се промени мерка притвор во куќен притвор. На ова единствено се побуни Артан Ајро, а другите премолчеа“, рече обвинителката Стефанова потсетувајќи се на детали од истрагата за „Империја“.
Поврзана вест