Премиерот Зоран Заев го поздрави дијалогот меѓу претседателот Стево Пендаровски со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но вели дека не очекува ништо од денешната средба во однос на прашањето за настаните од 27 април во Собранието. Тој го повтори ставот дека нема зијан од дијалог, ако тоа доведе до консензус по одредени прашања.
„Не очекувам ништо. Убаво е што има дијалог. Дијалогот може да носи резултати. Што се однесува на прашањето за 27 април, не очекувам ништо, ниту може претседателот на државата да аболицира или амнестира настани кои се поврзани со терористичко загрозување на уставниот поредок ниту, пак, е дозволена таква работа да се направи. Но, од разговор нема зијан. Нека направат муабет, дај Боже да има повеќе консензус во државата и во делокругот на надлежностите на претседателот, како и делокругот на надлежности на опозицијата, пред сѐ, доминантен фокус во парламентот“,
изјави Заев.
Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ и изјавата на Пендаровски за можно повторување на случајот со осудените за настаните од 27 април, Заев вели дека тоа е одлука на судот.
„Како и за сите случаи во државата така и за тој, доколку има нови докази коишто порано ги немале, а силно влијаат на можноста и поинаку да се одлучи, во таков случај, напоменувам како и за други случаи, може да се отвори постапката. За тоа одлучува веројатно кривичен совет или совет на кривични судии во надлежниот суд, ги разгледуваат ваквите докази и одлучуваат дали прифаќаат повторување или одбиваат барање за повторување,“
додаде Заев.
Средбата во вилата „Водно“ меѓу Мицкоски и Пендаровски е закажана за 15 часот попладне, а како што е најавено, ќе се разговара за осудените за крвавиот четврток во Собранието од 27 април и актуелната политичко-економска состојба.
