Портпаролката на Европската комисија изјави дека очекува од португалското претседателство да ги свика конференциите за двете земји што поскоро, откако шефот на германската дипломатија порача дека двете земји не треба да се раздвојуваат во процесот на проширување
Европската комисија со нетрпение очекува одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, што е можно поскоро. Ова е јасна позиција на ЕК, но Советот на ЕУ е тој што треба да ги одобри преговарачките рамки што ги поднесовме пред некое време, рече портпаролката за проширување на Европската комисија Ана Писонеро, откако шефот на германската дипломатија Хајко Мас порача дека не треба да се раздвојат Северна Македонија и Албанија во преговарачкиот процес со ЕУ.
Портпаролката за проширување, на вчерашниот редовен брифинг за новинари, како што јави МИА од Брисел, одговарајќи на прашање, го повтори ставот на Европската комисија.
Писонеро додаде дека се очекува од португалското претседателство да ги свика конференциите за двете земји што поскоро.
Европската комисија смета дека двете земји се подготвени да ги почнат преговорите со ЕУ штом земјите членки дадат зелено светло за усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција
Во врска со истото прашање, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи рече дека, иако ЕК 11 пати по ред дава препорака за започнување преговори за Северна Македонија и дека и покрај тоа што процесот на проширување се заснова на индивидуалните заслуги на секоја земја посебно, искуствата покажуваат дека кога државите се движат заедно во процесот, синергијата што се создава е поголема отколку збирот на поединечното движење на државите.
„Сметаме дека Албанија и Северна Македонија ги имаат исполнето условите и треба да почнат преговори. Тоа ќе даде нова динамика на регионалната перспектива на регионот и со тоа ќе се придружат на Црна Гора и на Србија кои веќе ги имаат започнато преговорите. Не гледаме причина зошто би имало издвојување, особено, кога Северна Македонија ги има исполнето сите критериуми – има 40 проценти од европските акти преточено во своето домашно законодавство, 95 проценти ја има усогласено својата надворешна и безбедносна политика со таа на ЕУ, ги имаме постигнато економските и политичките критериуми за членство, така што не гледаме причина зошто Северна Македонија би останала назад во овој процес“,
истакна Османи.
Тој, исто така, рече дека германската поддршка е од суштинско значење за земјава и му се заблагодари на Мас за личниот ангажман, на упорноста на канцеларката Ангела Меркел и на владата на Германија за досегашниот успех на европскиот пат на Северна Македонија.
„Неуспехот на Советот на ЕУ да ја формализира одлуката од минатата година останува наш заеднички предизвик за оваа година. Јунските самити на ЕУ нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор. Операционализација на одлуката за полето на преговорите, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти кредибилитетот на евроинтеграцискиот процес. Особено ме охрабрува фактот што во рамки на претседавачкото трио, Германија ја задржува својата проактивна улога во поддршка на португалското претседателство, со цел да се донесе вистинската одлука што ќе упати охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти европскиот кредибилитет во целост“,
истакна Османи.
Во однос на спорот со Бугарија, Мас порача дека Германија нуди поддршка преку нивните искуства, но останува прашањето да се реши на билатерално ниво, а преговорите да ги водат историчарите.
„За нас е одлучувачки она што се однесува до преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија. Минатата година имавме интензивни преговори со партнерите во Скопје и Софија. Исто така, нудиме и понатаму поддршка со нашите искуства доколку тоа од страна на Северна Македонија и Бугарија е посакувано. Останува овие прашања да се решат на билатерално ниво. Самите вешти лица, историчарите, мора да ги водат во рамки на своите комисии, без притисок од надвор“,
потенцира Мас.
Шефот на дипломатијата Османи, пак, посочи дека клучот на решението на проблемот со Бугарија е во Договорот за пријателство, како прецизна политичка рамка за разрешување на кои било недоразбирања.
