Критиките се одраз на слобода на говорот ,а не шепот изговорен во страв, како што тоа беше до пред четири години, вели националниот координатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец во интервју за Слободен печат, по повод Светскиот ден на медиумите.
„Не е невообичаено одредени негативни случувања да се пакуваат и презентираат на скандалозен начин. Впрочем и кај медиумите и кај граѓаните скандалите секогаш предизвикуваат многу поголемо внимание од убавите односно позитивните вести. А, тоа што во јавност често гледаме и слушаме критики и побарувања за подобар перформанс на Владата само говори дека во Северна Македонија веќе неколку години гласот на граѓаните и новинарите е гласен крик, а не шепот изговорен во страв, како што тоа беше до пред четири години“,
вели Забрчанец.
Тој ја нагласува неопхдноста институциите да бидат што поотворени со цел да се спречи дезинформирањето.
Одговарајќи на прашањето дали смета дека Владата не допира до медиумите на соодветен начин со што изостануваат и позитивни ефекти од владините кампањи како што беше во времето на Груевски, Забрчанец вели дека Груевски може да биде само негативен пример кога станува збор за јавните комуникации и за јавниот интерес.
„Тогаш, медиумите што ја критикуваа власта беа јавно етикетирани и омаловажувани од највисоки владини претставници, почнувајќи од самиот тогашен премиер и најистакнатите министри, па се до обичните партиски членови. Кон тие медиуми и нивните новинари се водеа жестоки јавни хајки, се прогласуваа за „платеници“ и „предавници“. Таа пракса е целосно искоренета.Порано, новинарите се плашеа да им постават прашања на министрите. Цела јавност се сеќава на жестоките квалификации што кон новинари ги упатуваа Груевски, или тогашниот прв финансиер Ставрески. Со новата власт, тоа веќе не е случај“,
вели Забрчанец.
Коментирајќи ги критиките за справувањето со ковид-кризата, Забрчанец вели дека кризата беше предизвикана од недостатокот на вакцини што е резултат на глобалниот недостаток. Уверува дека владините здравствени мерки имаат ефект и дека пандемијата се држи под контрола уште од почетокот.
Заврчанец упати и критиките до опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, поради како што вели, потсмевот кон националната и индивидуалната борба со ковид-19.
„Здравството демонстрираше капацитет да се справува со сериозен глобален предизвик, од една страна да се обезбедат капацитети за итните случаи, од друга страна да се информира населението за мерките за заштита и од трета страна да се обезбедува неопходниот имунитет. Во овие прилики, херои се сите здравствени работници кои беа и се уште се на браникот на јавното здравје. И навистина е штета што еден “Космонаутко”, најпопуларниот наш здравствен работник, за ЕУ е кандидат за македонски Европеец на годината, а за Мицкоски е тема за потсмев и неверување. Осудени се на пораз тие што се потсмеваат со националната и со индивидуалната борба со коронавирусот“,
вели Забрчанец.
