Г.г. Стефан повикува и да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19, додека во однос на промените што се преземаат во образованието оценува дека во форма на некакви чудни реформи, од кои, како што вели, е исклучена објективната јавност, се прифаќа менување на нашиот историски, културен и духовен идентитет
Пораки за почитување на препораките за заштита од ковид-19 и за исполнување на обвраската за попишување, кога и да се спроведен пописот на населението во земјава испрати, меѓу другото, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, во годинешното Велигденско послание. Во однос на промените што се преземаат во образованието, архиепископот охридски и македонски оценува дека во форма на некакви чудни реформи, од кои, како што вели, е исклучена објективната јавност, се прифаќа менување на нашиот историски, културен и духовен идентитет.
Пораките на г.г. Стефан
За пандемијата
„Живееме во време со постојани искушенија. Често, и од сите страни на светот, доаѓаат вести за воени судири, за терористички напади, за страдања, за природни катастрофи, за криминални дела, за глад, за тешки болести, за сиромаштија и сл. Како и сиот свет, и ние во овие тешки времиња се соочуваме со здравствени проблеми – со ширењето на заразната болест, која прерасна во сесветско искушение што продре во сите сегменти од живеењето. Всушност, овој проблем повлече неприлики не само по здравјето на луѓето, туку и по безбедноста, економијата, па дури и по одговорноста на секој од нас како поединец во општеството, но и за нас како Црква. Исто така, ова искушение ја стави на испит и нашата вера. Како верен народ и Црква се соочивме можеби со најголемиот предизвик: како да се однесуваме одговорно и како да ја запазиме верата? Многумина меѓу нас постапија по снисходење, следејќи ги примерите од свештената историја на црквата во ваквите ситуации, како и актуелните чекори на повеќето од православните цркви, соработувајќи со оние кои ја понесоа тежината на овој заеднички проблем и во чија одговорност е, и ќе биде – да го запазат општото добро“.
За мерките за заштита од ковид-19
„Затоа татковски повикувавме и повикуваме на трпеливо прифаќање и спроведување на мерките пропишани од одговорните, и од црквата и од световната власт, па времето што ни е допуштено да го искористиме за духовно единство во предложеното послушание. Беше и сè уште е потребно, низ разните лишувања кои ни се благословуваат, да се оддадеме на заедничка молитва за целиот свет: и за тие што боледуваат, и за тие што се трудат околу нив, како и за душите на оние коишто починаа од последиците на болеста. Да бараме жртва не од другите, туку од себе, и да не го забораваме советот од отците: „Побрзај особено да бидеш блиску до оној кој моли и доброволно притекни му на помош“. Православната вера е живо слово и ниедна вонредна ситуација не може да ја ограничи верата што знае за љубов и послушание, што е утврдена врз надежта во зборовите Христови: „Нема да ве оставам сираци. Ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“
За пописот
„Во овој период, како народ сме исправени и пред разни предизвици, кои нè засегаат не само во денешницата, туку и особено во иднината. Беше најавен попис на населението, па поради пандемијата е одложен. Но кога и да се одржи, и како жители и како Македонци, потребно е задолжително да ја извршиме таа обврска, која ќе покаже не само колку сме, туку и каде сме, а сето тоа да се организира и да биде усогласено со меѓународните стандарди“.
За реформите во образованието
„Оставајќи им ги политичките предизвици на избраните од народот, чија задача е да служат најдобро и да ги запазат интересите на сопствениот народ, сепак не може да се молчи пред иницијативите на некои групи, кои сакаат своите определби да ги наметнат над мнозинството. Така, во образованието, во форма на некакви чудни реформи, од кои е исклучена објективната јавност, се прифаќа менувањето на нашиот историски, културен и духовен идентитет. На овој начин е засегната не само нашата сегашност, туку и иднината, зашто децата уште од најмала возраст се насочуваат кон туѓи, несоодветни и недостојни вредности, со кои се разнебитува личноста, а кои се спротивни на светогледот на нивните родители. Предложените процеси се толку еднострани и во нашиот општествен контекст многу недоследни, па во отвореното општество за сите, нема место за етиката и моралните вредности на религиите, нема место за искуството на Црквата, нема место за Бога!
Целото Велигденско послание на поглаварот на МПЦ-ОА можете да го прочитате ТУКА.
