Притисок врз вработените да потпишуваат бланко-спогодби за престанок на работа, упатување на принуден одмор, непочитување на протоколите за заштита од ковид-19, а неретки се и случаите на трансформација на работниот однос од неопределено на определено време
Неисплатени или намалени плати, притисок врз работниците да потпишуваат спогодби за престанок на работниот однос, злоупотреба на државната помош за исплата на плати и непочитување на Законот за безбедност и здравје при работа. Во пандемија и со бројни пријавени прекршувања на работничките права, работниците годинава ќе го прослават Меѓународниот ден на трудот.

Двата најголеми синдикати, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) укажуваат дека од почетокот евидентено е кршењето на работничките права уредени со Законот за работни односи и со колективните договори. Забележан е притисок врз вработените да потпишуваат бланко-спогодби за престанок на работа, упатување на принуден одмор, непочитување на протоколите за заштита од ковид-19, а неретки се и случаите на трансформација на работниот однос од неопределено на определено време.
„Од почетокот на здравствената криза, правната служба на ССМ по пат на совети, изготвени правни мислења, толкувања, приговори, тужби и директно постапување пред надлежните органи, обезбеди заштита на работничките права во компании кои вработуваат над 80 000 вработени“,
наведува ССМ.
Над 40 проценти од пријавите од работниците кои минатата година побарале правна помош од ССМ се за неосновано намалени и неисплатени плати, додатоци на плата и регрес за годишен одмор, а исто толкав е и процентот на обраќања за отказ од работа.
„Карактеристично беше упатувањето на работниците дома со образложение на работодавачите дека нема работа заради здравствената криза или дека нема услови истата да се организира според државните протоколи. Притоа, на овие работници им беше намалена платата и не се почитуваа уредбите на Владата за право на платено отсуство“,
велат од ССМ.
Отказите се евидентирани особено во чевларската и металната индустрија и во угостителството, а забележани се и откази на договорите за вработување на претседатели на синдикални претставници во компаниите.
Од ССМ евидентирале два случаи кога Државниот трудов инспекторат и Судот ги врати на работа синдикалните претставници.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) велат дека, пандемијата придонела за злоупотреба на законите и прекршување на правата на работниците, но според нив, затаиле и инспекциските служби.
„Пред се тука мора да го споменеме Трудовниот инспекторат кој немо гледа на крешењето на работничките права, пропишани со закони и колективни договори“,
истакнува КСС.
Двата најмногубројни синдикати по своето членство бараат да се признае и ковид-19 како професионално заболување за сите работници, а на заболените работници да се исплаќа 100 проценти плата.
„Ова е нешто за што ќе ги вложиме сите напори за да го ставиме ковид-19 на листата за професионални заболувања, бидејќи согласно Законот за безбедност и здравје при работа, Правилникот за биолошки агенси и Законот за ПИО, тоа е наше право и треба да се постапи согласно законите. Никој не ја почитува законската обврска за проценка на ризик на работното место по појавата на нова биолошка штетност како што е случајот со ковид -19“,
велат од КСС, кои заедно со Македонското здружение за заштита при работа, поднесоа иницијатива до Уставниот суд, ваквото барање е легитимно и согласно законите.
Меѓународниот ден на трудот традиционално се одбележува со синдикален марш на кој се испраќа порака за зачувување и унапредување на работничките права.
Годинава, поради пандемијата очигледно ќе изостане традиционалниот првомајски марш. Од Сојузот на синдикати на Македонија најавуваат дека Денот на трудот безбедно ќе го одбележат пред зградата на ССМ од каде ќе испратат порака дека силата на работниците е кога тие се здружени со иста цел.
И од Конфедерацијата на слободни синдикати нема да организираат протестен марш, но велат дека ќе продолжат со нивните барања за поголеми работнички права.
