Индиските власти се соочуваат со недоверба од експертите кои сметаат дека податоците што се пласираат во јавноста се нецелосни
Индија постави уште еден црн светски рекорд со 386 452 нови заразени со коронавирус во еден ден. Експертите сметаат дека бројот на заразени и починати е далеку поголем.
Министерството за здравство денеска објави дека 3 498 лица поинале од компликации со ковид во последните 24 часа, така што вкупниот број на смртни случаи се искачи на вкупно 208 330 досега.
Индиските власти се соочуваат со недоверба од експертите кои сметаат дека податоците што се пласираат во јавноста се нецелосни. Повеќе од 350 научници денеска потпишаа онлајн петиција, во која бараат од владата да објави податоци за тоа какви соеви на вируси се присутни во земјата, колку тестирања се спроведуваат, колку лица досега прележале ковид и каква е реакција на населението на вакцините.
Во петицијата се вели дека податоците за тестирањето не се достапни за невладините експерти, но исто така и за некои владини институции.
Индија бележи најголем број на заразени во светот повеќе од една недела, со дневен просек од околу 350 000 нови случаи.
Бројот на смртни случаи е речиси тројно зголемен на дневна основа во последните три недели, што го покажува интензитетот на новиот бран на вирусот.
Индија пријави повеќе од 18,7 милиони случаи на ковид од почетокот на пандемијата и е втора во светот зад САД, додека е четврта по бројот на смртни случаи.