Граѓаните не треба да се грижат и да бираат со која вакцина да се вакцинираат, сите се со еднаков квалитет, порача денеска министерот за здравство, Венко Филипче, по пристигнувањето на пратката од 200 000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“.
Филипче рече дека во големите пунктови за масовна вакцинација освен кинеските вакцини има капацитет да се сместат и вакцините на „Фајзер“.
„Во големите пунктови ќе има од сите вакцини. Следната недела од кинески и вакцини на „Фајзер“ Но, мислам дека нема потреба да се става акцент на тоа да се бира вакцина, сите се со еднаков квалитет. Нема никаква контраиндикација. Каква вакцина има во пунктот во тие часови кога е предвидено да се вакцинираат граѓаните може комотно да ја примат без да бидат загрижени и да размислуваат дали да се вакцинираат со една или со друга вакцина“,
рече Филипче.
Тој апелира граѓаните да се пријават на vakcinacija.mk, истакнувајќи дека тоа е најсоодветниот и најбрз начин за пријавување за вакцинција. Потоа ќе добијат СМС порака или меил за закажанот време и место за вакцинирање.
