Дали вакцините се безбедни за бремени жени или жени што планираат бременост, за лица со алергии, дали нуспојавите се почести кај жени или кај мажи, дали децата можат да се вакцинираат…
Вакцинацијата против ковид-19 постојано ја следат многубројни сомнежи, а најчестите „тврдења“ што може да се слушнат во јавноста се дека вакцината предизвикува стерилитет.
За српската телевизија Н1 имунологот д-р Анита Миличиќ, раководителка на лабораторијата за формулација на вакцини на институтот „Џенер“ на Универзитетот Оксфорд, од научен аспект и врз основа на повеќе клинички студии во различни земји дава објаснувања колку од овие стравувања се оправдани, а колку од нив се лажни.
Вакцините против ковид предизвикуваат стерилитет – лажно
Ниту една вакцина не предизвикува стерилитет, па дури ни вакцината против ковид-19. Нема биолошка основа за ова тврдење. Напротив, постојат теории дека вакцинацијата може да придонесе за зачнување, со тоа што создава поволни услови како што е инфламација, која е неопходна за имплантација на ембрионот.
Пред неколку години во САД е започната клиничка студија каде што се испитува дали примањето вакцина против грип доведува до подобри резултати при ин витро оплодување. Исто така е познато дека многу жени што биле вакцинирани со вакцини против ковид-19, последователно забремениле.

Жените по вакцинацијата имаат поголема веројатност да доживеат несакани ефекти – делумно вистинито
Иако постојат податоци кои укажуваат на изразена разлика во несаканите ефекти, овој ефект е недоволно истражен и веројатно произлегува од вродените разлики помеѓу машкиот и женскиот имунолошки систем. Без оглед на несаканите ефекти, нема индикации дека вакцините се повеќе или помалку ефикасни меѓу половите.
Студија спроведена од Центарот за контрола на болести во САД покажа дека од 13,7 милиони вакцинирани лица, од кои 61 процент биле жени, 7 000 пројавиле нусефекти. Од нив 79 проценти биле жени, што укажува на тоа дека ефектот од почести несакани ефекти кај жените постои, но и дека не е голем.
Вакцината не треба да се дава најмалку шест месеци по прележан ковид – лажно
По прележувањето, нивото на заштита од повторна инфекција варира. Вакцинацијата се препорачува еден месец по повлекувањето на симптомите, бидејќи таа е заштита од повторна инфекција и потенцијално од други видови коронавирус.
Вакцинацијата, исто така, ги ублажува симптомите што се задржуваат кај одреден процент од луѓето откако прележале ковид-19, т.н. долг ковид, и докажано е дека го намалува ризикот од долгорочни компликации предизвикани од инфекцијата.
Вакцините не се препорачуваат за деца под 16 години – делумно вистинито
Вакцините мора да се тестираат одделно во секоја група од населението пред да бидат одобрени од регулаторите за употреба во тој сегмент од популацијата. Досега клиничките испитувања на повеќето вакцини се завршени кај лица над 18 години. Вакцината на „Фајзер“ е одобрена и за лица над 16 години, а во моментов, врз основа на извршените клинички студии, се бара одобрување на оваа вакцина и за деца на возраст од 12 до 15 години. Постојните вакцини во моментов се тестираат на деца над шест години, така што прашање на време е кога тие ќе бидат одобрени и за децата.

Луѓето алергични на пеницилин не треба да примаат вакцина – лажно
Вакцините се целосно безбедни за луѓето што се алергични на антибиотици, вклучително и на пеницилин, како и други вообичаени алергии (на пример, на храна или полен).
Луѓето постари од 65 години не треба да се вакцинираат со сите вакцини – лажно
Нема горна граница на возраст за вакцините одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА) и Светската здравствена организација (СЗО). Ова значи дека вакцините се безбедни за сите возрасни групи над 18 години, а вакцината „Фајзер“ во моментов е одобрена и за оние над 16 години.
Вакцинираните лица можат да бидат преносители на вирусот – делумно вистинито
Вакцинираните лица сè уште можат да го пренесат вирусот, само во помала мера. Вакцинацијата го намалува нивото на вирусот во организмот, а со тоа и во горниот респираторен тракт преку кој се пренесува вирусот. Според последниот извештај на Европската агенција за лекови (ЕМА), вакцинираните лица, кои последователно се изложени на вирусот, имаат значително помала веројатност да ја пренесат инфекцијата на невакцинирана личност.
Жените што планираат бременост во блиска иднина не треба да примаат вакцина – Лажно
Вакцинацијата е безбедна и се препорачува за жени што планираат бременост, со цел да се заштитат себеси и своето бебе во иднина. Покрај тоа, според последната препорака на Британскиот одбор за вакцинација, примањето вакцина „Фајзер“ или „Модерна“ сега се препорачува и за бремени жени. Советот доаѓа од клиничките студии во САД на околу 90 000 бремени жени што примиле една од тие две вакцини, без никакви последици.
Покрај тоа, студија на повеќе од 2 100 бремени жени во болници во 18 земји потврдува дека инфекцијата со коронавирус кај бремени жени може да доведе до сериозни компликации кај бебето, вклучувајќи сериозни болести, предвремено породување, па дури и смрт. Овие резултати нагласуваат дека бремените жени треба да бидат вклучени во приоритетните групи за вакцинација, како и да се преземат мерки за ограничување на контактот со пациентите и намалување на изложеноста на инфекција.
Кон ова треба да се додаде и фактот дека вакцините се целосно безбедни за мајките што дојат, бидејќи вакцинацијата ги штити мајките, а имунолошкиот одговор што се создава се пренесува преку млекото на бебето, така што и тоа е заштитено.

Производителите на вакцини против ковид-19 намерно не ги објавуваат сите состојки на вакцината – вистинито
Некои компании не ги објавуваат сите детали за составните компоненти во вакцините, а причината за тоа не е дека ги кријат состојките, туку тоа е поради заштита на интелектуалната сопственост. Ако фармацевтска компанија има развиено специфична формулација, во што е вложено многу време и финансии, тоа знаење е патентирано, така што конкурентските фирми не би можеле да профитираат од таа технологија. За оние што ги примаат вакцините, ова не е многу важно.
Вакцините се строго регулирани од независни здравствени организации, како што е Европската агенција за лекови (ЕМА), кои ги проверуваат безбедноста, квалитетот и квантитетот на состојките во вакцините, како и во сите други медицински лекови пред одобрувањето.
Вакцините против ковид можат да ги променат човечките гени – лажно
Ниту една од постојните вакцини против ковид-19 нема биолошки механизам што ќе им овозможи на вакцините да ги менуваат човечките гени – за ова ќе биде потребен сосема поинаков дизајн, сличен на генетските терапии. Постојните вакцини дејствуваат така што привремено „позајмуваат“ клеточна апаратура за да се создаде вирусен протеин што го активира имунолошкиот систем, но не се вградуваат во ДНК.
Треба да се вакцинираат и луѓе што имаат антитела – вистина
Присуството на антитела за коронавирусот не гарантира заштита од инфекција, туку е само индикатор дека лицето било изложено на вирусот или било вакцинирано. Функцијата на антителата е важна за заштита – без разлика дали тие имаат способност да го неутрализираат вирусот, што може да се утврди со посебни лабораториски тестови. Стандардното тестирање за антитела против коронавирус покажува само дали се присутни антитела и во кои количини.
Најновата анализа во Велика Британија покажа присуството на антитела (во поголема или помала мера) кај сите лица што примиле една доза на вакцина „Астра Зенека“ или „Фајзер“. Сепак, нивото на заштита од ковид-19 три недели по првата доза на вакцината е околу 65 проценти, без оглед на возраста.
Исто така, антителата се само еден од имунитетните елементи што нѐ штитат од инфекција. Важна улога играат Т-лимфоцитите, кои се мерат само во клинички услови. Постојат случаи кога луѓето без антитела кон коронавирусот биле заштитени од инфекција, што укажува на повеќе одбранбени механизми.

Вакцинацијата не се препорачува ако имате настинка – лажно
Вакцинацијата генерално го зајакнува имунолошкиот систем бидејќи стимулира неспецифичен, т.н. вроден имунитет. Ова има дополнителна корист од можноста да помогне во одбрана од други помали инфекции, како што се настинки. Општо земено, има многу малку контраиндикации за вакцинација против ковид-19. Тие главно се сведуваат на алергиска реакција на првата доза на вакцината, што инаку е исклучително ретка појава.
Кај младите луѓе побезбедно е да прележат ковид бидејќи симптомите се благи, а природниот имунитет е подобар од вакцината – лажно
Иако старите лица имаат поголем ризик да развијат тешка форма на ковид-19, познато е дека коронавирусот може да предизвика сериозни болести, па дури и смртност кај луѓе од сите возрасти. Со појавата на нови соеви, има сè повеќе пациенти меѓу младите и децата. Инфекцијата со коронавирус ги оштетува не само белите дробови туку и другите органи и може да остави сериозни и долготрајни последици, како што се срцеви проблеми или проблеми со меморијата, и кај постарите и кај помладите луѓе.
Не е исклучено вирусот да може да остане во организмот и повторно да се активира. Имунитетот по инфекцијата може да трае кратко, а со тоа и можност за повторна инфекција. Спротивно на тоа, вакцинацијата е безбедна и сигурно доведува до развој на имунолошка меморија, што е докажано дека штити од идни инфекции.