Обвинителите што минатата седмица беа избрани во Вишото обвинителство – Скопје и во Обвинителството за организиран криминал денеска дадоа заклетва пред Советот на јавни обвинители
Обвинителите што беа избрани во Вишото јавно обвинителство-Скопје и во Обвинителството за гонење организиран криминал, на минатонеделната седница на Советот на јавни обвинители, денеска дадоа заклетва дека ќе ги извршуваат новите функции во согласност со Уставот и законите на државата.
Новоизбраните јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство-Скопје, Фатиме Фетаи, Наум Пановски, Сашо Рајчев, Бурим Рустеми и Снежана Бундалевска-Георгиева, дадоа заклетва пред членовите на Советот на јавните обвинители. Петте обвинители беа избрани на седницата на Советот на јавни обвинители што се одржа на 22 април.
Обвинителите Фетаи и Рустеми се од поранешното Специјално јавно обвинителство, Пановски доаѓа од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Рајчев и Бундалевска-Георгиевска од Јавното обвинителство-Скопје.
За обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, пак, Советот ги избра Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов, кои беа дел од поранешното СЈО, како и Наташа Поп Трајкова од Основното јавно обвинителство-Струмица и Катерина Коларeвиќ од ОЈО-Скопје. И тие денеска дадоа заклетва пред Советот на јавни обвинители.