Министерот за надворешни работи Анже Логар на седница на парламентарната Комисија за надворешна политика ја обвини опозицијата дека стои зад ова со цел да ја „оцрни“ земјата
Словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар денеска изјави дека не постои нон-пејпер за Западен Балкан, кој некои медиуми ѝ го припишуваат на Словенија и додава дека дебатите околу наводниот документ им наштетиле на Словенија и на БиХ, објави агенцијата СТА.
Тој на седницата на парламентарната Комисија за надворешна политика нагласил дека стратегијата на Словенија кон Западен Балкан не е променета и дека земјата вложила дополнителни напори, посочувајќи дека подготовката за Самитот ЕУ-Западен Балкан е главен приоритет на претстојното словенечко претседавање со Унијата.
Логар обвини дека зад ова стои тамошната опозиција.
„Никој не очекува дека опозициските политичари ќе ја оцрнат својата земја, само за на некаков начин да ѝ наштетат на државата. Тоа едноставно не постои во развиениот демократски менталитет“,
истакна Логар.
Неговата изјава е дадена на заедничката седница одржана по барање на опозицијата, откако во медиумите се појавија написи дека словенечкиот премиер Јанез Јанша пуштил во јавност нон-пејпер со стратегија за прекројување на границите по етнички линии на Балканот.
Кабинетот на Јанша веднаш демантираше дека е автор на ваков неофицијален документ, кој беше отфрлен од сите лидери на земјите во регионот.
Вчера портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, изјави дека никој во ЕК не го видел ниту фамозниот нон-пејпер, кој наводно е поднесен од страна на словенечкиот премиер Јанез Јанша, ниту какви било други документи со слична содржина и додаде дека позицијата на ЕУ е дека се против промена на граници и тоа важи и за сите досегашни и за евентуални идни вакви планови.