И четвртиот осомничен во случајот со набавка на софтверот за сообраќајни прекршоци бил хонорарно ангажиран од Генералниот секретаријат на Владата, открива „Призма“ (БИРН)
Претходно, „360 степени“ објави дека џипот што го вози eксгенсекот Драги Рашковски е на име на еден од „тајните хонорарци“ во Владата, кој е осомничен во аферата.
Со тоа се исцртува кругот на засега четворица што ги осомничи обвинителството – Рашковски, сопственикот на „Инвока груп“, Даниел Станчев и две лица кои истовремено биле хонорарно ангажирани од Генералниот секретаријат додека на негово чело бил Рашковски, посочува БИРН.
На двајцата хонорарци ангажманот им почнал во време додека на чело на Секретаријатот бил Драги Рашковски.
Позицијата координатор за дигитализација на ниво на РСМ не беше меѓу фактурите што БИРН ги доби од Владата откако со жалба успеа да ги добие насловите на ангажманите, но не и имињата на ангажираните. Оваа фактура, и уште една за графички дизајн, не биле доставени до БИРН затоа што, како што посочиле од Владата, не биле исплатени во декември.
Зад тој ангажман се крие професор, чиј идентитет, поради заштита на претпоставката на невиност, БИРН не го открива. Станува збор за универзитетски професор од ФИНКИ, кој трипати бил ангажиран од Генералниот секретаријат додека со него менаџираше Драги Рашковски. Првиот пат во 2019 година.
Според извори од истрагата, тој е осомничен во случајот „Рашковски“, во делот за изготвување на техничката спецификација за тендерот. Обвинителите се сомневаат дека ја направил спецификацијата на тендерот да соодветствува со патентот на поранешниот генерален секретар на Владата. Воедно, тој е и осомничениот што не го форматирал телефонот, а во кој е пронајдена комуникацијата со Рашковски со пораката „зборувај стручно, глупи се, нема да те разберат“, се вели во истражувањето на БИРН.
БИРН контактираше со професорот, кој негираше дека ангажманот во Владата е поврзан со истрагата за случајот „Рашковски“, за која, пак, не сакаше да коментира. Како што посочува БИРН, за оваа неговиот ангажман немало конкурс.
„Ми се јавија од таму“, вели за БИРН професорот и дополнува дека според договореното, на Владата ѝ поднесувал извештаи за сработеното.
„Последната година немав ангажман воопшто. Претходната година бев ангажиран за пакет мерките што се спроведуваа за консолидација на базите меѓу различни институции“,
вели тој во изјава за БИРН.
Тој посочил дека за тој период немало работа, немало потреба од извештаи и затоа побарал раскинување на договорот. Коинциденција или не, тоа се случило истиот ден, 12 април, кога Владата ги објави имињата на актуелните хонорарци, односно четири дена пред апсењето на Рашковски, потенцира БИРН.
Целото истражување прочитајте го тука.
