Целта е да се поттикне туризмот, но и трошоците за вакви тестови да не бидат дополнителен товар за потенцијалните туристи оваа година
Нашата држава ќе ги плаќа ПЦР – тестовите за туристите кои сакаат да дојдат, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Целта е да се поттикне туризмот, но и трошоците за вакви тестови да не бидат дополнителен товар за потенцијалните туристи.
„Тоа ќе се направи во соработка со Институт за јавно здравје, Фондот за здравство и Министерство за здравство, затоа што сметаме дека само кредибилни и јавни институции можат да спроведат ПЦР-тестирање на ваков начин и во толку голем обем, како што имаме предвидено“,
објасни Битиќи, на прес-конференцијата на која заедно со други економски министри го претставија шестиот пакет антикризни мерки.
Според Битиќи, предвидувањата се дека околу 50 илјади потенцијални туристи би дошле во земјава во текот на цела 2021 година.
Шестиот пакет мерки, како што нагласи вицепремиерот на денешната прес-конференција, е вреден 17,8 милиони евра, содржи таргетирана финансиска помош за околу 10.000 компании и околу 60 илјади вработени.