Според извештајот на Службата за внатрешна контрола на САД поранешниот државен секретар ја злоупотребил својата позиција повеќе од 100 пати и ги прекршил етичките правила
Поранешниот државен секретар на САД Мајк Помпео ја злоупотребил својата позиција повеќе од 100 пати и ги прекршил етичките правила барајќи од вработените во Стејт департментот да прават приватни деловни активности за него и неговата сопруга, објави Службата за внатрешна контрола на САД.
Како што објавува Ројтерс, од вработените во Стејт департментот Помпео и неговата сопруга барале да се занимаваат со нивните миленици, да испраќаат божиќни честитки, да организираат приватни собири и да одат во шопинг за нив.
Во официјалниот документ се наведува дека Сузан Помпео двапати побарала од службениците на Стејт департментот да ѝ закажат посети на фризер, а една помошничка на државниот секретарка била ангажирана за да му обезбедува попусти за хотелски сместувања на синот на Помпео.
Мајк Помпео ги отфрли обвинувањата од извештајот, нарекувајќи го политички мотивиран документ со бројни фактички грешки.
За време на неговиот мандат во Стејт департментот, Помпео имаше затегнати односи со службата за внатрешна контрола, а претседателот Доналд Трамп, на барање на државниот секретар, го смени генералниот инспектор Стив Линик, кој го истражуваше случајот на Помпео.
Мајк Помпео важи за еден од републиканците со амбиција да учествува на претседателските избори во 2024 година, додава Ројтерс.