Претходно, во текот н ноќта е извршена трансплантација на срце, а од вторник и на коски
Претпладнево на Клиниката за урологија е извршена операција за трансплантација на бубрег. Се Работи за 27-годишен пациент кој доби орган од починатата 21-годишна девојка, чие семејство ги донираше органите.

Во моментов во тек е втората трансплантација кај 40 – годишен пациент со хронична бубрежна болест кој исто така ќе добие бубрег од истиот донор.
Благодарение на семејството кое одлучи да ги донира органите на девојката која настрада во сообраќајна несреќа, до сега се спасија три животи.
Во текот на ноќта на Клиниката за кардиохирургија беше направена втората трансплантација на срце во Македонија. Операцијата заврши успешно во 4 часот утрово, а срцето го доби момче на дваесетина години, кое подолго време чекало донор за трансплантација.
Веста за подготовките за трансплантација ноќеска околу полноќ ја соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, споделувајќи фотографија од медицинскиот тим на Клиниката за кардиохирургија.
Од понеделник на Клиниката за ортопедија ќе се трансплантираат коски и делови од меки ткива кај пациенти со ортопедски болести, откако аа првпат во историјата на македонското здравство на Клиниката за ортопедски болести е направена експлантација на коски и коскени ткива од починат донор.
Министерството за здравство соопшти дека експлантацијата на коските и меките ткива е направена рано утрово и оти веќе наредната недела е планирана апликација на еден сегмент од коска кај пациент со метастаза од карцином на бубрег отстранет пред 12 години.