Во капелата на замокот Виндзор денеска ќе се одржи погребот на принцот Филип, кој самиот го испланирал до најситни детали. Кралицата Елизабета Втора ќе се збогува со својот сопруг, во тесен круг на роднини, и во согласност со сегашните епидемиолошки мерки во Велика Британија.
На погребот ќе присуствуваат вкупно 30 гости меѓу кои најголем дел, членови на кралското семејство. Капелата Свети Ѓорѓи е местото каде што ќе се соберат учесниците на поворката, меѓу кои се принцовите Чарлс, Вилијам и Хари. Во капелата ќе се одржи едноминутно молчење, а архиепископот од Кантербери ќе ја води службата.
Хор од само четири члена ќе ги пее делата избрани од војводата од Единбург. На крајот на службата, телото на принцот ќе биде сместено во кралската крипта во капелата. На ковчегот на принцот ќе се положи неговиот личен грб, морнарска капа, меч и венец со цвеќиња.
Принцот Филип почина на 99-годишна возраст во замокот Виндзор, по краток период на лошо здравје поради што мораше да биде хоспитализиран неколку недели.
