Русија ќе побара 10 американски дипломати да ја напуштат земјата, како одговор на идентичната мерка што ја донесе Вашингтон, изјави рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров.
Покрај протерувањето на 10 американски дипломати, тој најави дека Руската Федерација ќе објави имиња на осум американски официјални лица вклучени во рускиот список за санкции. Исто така, најави дека Русија ќе „стави крај“ на делувањето на американски фондации и невладини организации за кои сметаат дека се мешаат во внатрешните работи на земјата.
Лавров ги отфрли обвинувањата од Вашингтон за руско мешање во ланските избори во САД, за хакерските напади врз американските институции.
Во однос, пак, на евентуална средба помеѓу двајцата претседатели, Џо Бајден и Владимир Путин, Лавров рече дека Русија реагира позитивно на идејата што ја даде Бајден, за самит помеѓу двете држави на неутрален терен.
Бајден вели дека му предложил на Путин да се сретнат лично на самит во Европа ова лето, со цел да се справат со голем број прашања со кои се соочуваат двете држави и дека рускиот лидер се согласил.
