Поставен е Извршен одбор кој треба да донесе одлука за модалитетите на конференцијата, вклучително и учеството на регионот, но одлуките се носат со консензус меѓу трите главни институции на ЕУ: Комисијата, Парламентот и Советот
Европската комисија сака Западен Балкан да биде вклучен во Конференцијата за иднината на Европа, но конечната одлука ја носат земјите членки на ЕУ, а оттаму сѐ уште нема јасна позиција, јави МИА од Брисел.
Во одговор до МИА на ова прашање од кабинетот на потпретседателката на Европската комисија, задолжена за оваа конференција, Дубравка Шуица, потврдија дека оваа институција сака да го види регионот на овој настан, кој започнува на 9 мај.
„Комисијата е отворена за вклучување на граѓаните и организациите од земјите на Западен Балкан – нашите блиски соседи – во Конференцијата за иднината на Европа. Пандемијата покажа до која мера земјите членки на ЕУ и другите земји во Европа, вклучително и Западниот Балкан, зависат едни од други“,
одговараат од кабинетот на Шуица.
Конференцијата за иднината на Европа требаше да почне минатата година, но се одложи за оваа, на 9 мај, Денот на Европа. Официјално поради пандемијата, неофицијално затоа што земјите членки и натаму не можат целосно да се усогласат за модалитетите на оваа конференција, која треба да ги постави темелите на иднината на Европската Унија и на континентот врз основа на директна консултација со граѓаните.
Европскиот парламент уште минатата година преку резолуција побара да биде вклучен Западниот Балкан и многубројни европратеници редовно истакнуваат дека регионот треба да учествува како клучен сосед на Унијата и како регион со јасна перспектива за членство во Унијата.
Како што објаснуваат од Европската комисија, поставен е Извршен одбор кој треба да донесе одлука за модалитетите на конференцијата, вклучително и учеството на регионот, но одлуките се носат со консензус меѓу трите главни институции на ЕУ: Комисијата, Парламентот и Советот.
Идејата е Европската Унија да почне суштински и инклузивен дијалог со своите граѓани што Брисел го доживуваат како оддалечен од реалноста на терен. Извршниот одбор е составен од претставници на трите клучни институции, но и на Комитет за региони, синдикати и организации на работодавци.
Граѓаните и организациите ќе имаат можност преку дигитална платформа да поднесат предлози и да придонесуваат директно во дискусиите и дебатите за иднината на Унијата и на континентот, како и да организираат настани. Дебатите ќе се фокусираат на осум главни теми: климатски промени, здравство, економија, улогата на ЕУ во светот, права и слободи, дигитализација, демократија и осма категорија разно, за други идеи од граѓаните.
Конференцијата треба да трае една година.