Истражувањата покажаа дека варијантата П1 е дури 2,5 пати позаразна од оригиналниот коронавирус и поотпорна на антитела, а некои вакцини имаат значително намалена ефикасност
Бразилскиот П1 сој на коронавирусот, кој е причина за зголемување на смртноста од ковид-19 во оваа латиноамериканска земја, мутира на начин што ќе го олесни избегнувањето на создавање на антитела, покажаа бразилски научни истражувања.
Студија за варијантата или сојот што циркулира во Бразил, спроведена од Институтот за јавно здравје „Фиокурс“, откри мутации во делот на шилото на вирусот што се користи за влегување и заразување на човечки клетки.
Со тоа, мутациите, предупредуваат бразилските научници, може да го направат вирусот поотпорен на вакцини кои се насочени кон протеинот на шилото, со потенцијални сериозни последици за ширењето на болеста во најнаселената нација во Јужна Америка.
„Веруваме дека ова е уште еден механизам за прикривање што го создава вирусот за да се избегне реакцијата на антителата“,
вели Фелипе Навека, еден од авторите на студијата од „Фиокруз“ во амазонскиот град Манаус, каде што се верува дека сојот П1 и започна.
Навека вели дека промените изгледаат слични на мутациите забележани во уште поагресивната јужноафриканска варијанта, против која, како што покажаа некои студии, некои вакцини имаат значително намалена ефикасност.
„Ова е особено загрижувачко бидејќи вирусот продолжува да ја забрзува својата еволуција“,
додаде тој.
Истражувањата покажаа дека варијантата П1 е дури 2,5 пати позаразна од оригиналниот коронавирус и поотпорна на антитела.
Во вторникот Франција ги прекина сите летови од и до Бразил, обидувајќи се да спречи ширење на оваа мутација, која брзо стана доминантна во Бразил и се смета дека за главен фактор за зголемена смртност.
Епидемискиот бран во Бразил сѐ повеќе ги погодува и помладите луѓе, а податоците од болниците покажуваат дека во март повеќе од половина од сите пациенти биле на возраст под 40 години.
За Естер Сабино, научник од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Саун Пауло, која го предводеше првото детектирање на геномот на коронавирус во Бразил, со оглед на брзата стапка на пренесување на вирусот, мутациите во варијантата П1 не изненадуваат.
„Ако имате високо ниво на пренесување, како што во моментов се случува во Бразил, ризикот од нови мутации и варијанти се зголемува“,
рече таа.
Досега вакцините, како што се „АстраЗенека“ и „Синофарм“, се покажаа ефикасни против бразилската варијанта, но Сабино рече дека понатамошните мутации може да го зголемат ризикот од зараза и покрај вакцините.
