Северна Македонија е на 106-то место според Индексот на перцепција на корупцијата за 2019-та година на „Транспаренси интернешнел“. Земјава бележи пад од 13 места. Во 2018-та, „Транспаренси интернешнел“ ја рангирал на 93-то место.
Во регионални рамки, ја делиме истата позиција со Албанија, додека неколку места пред нас се Босна и Херцеговина и Косово. Србија и Бугарија се на 91-то односно 74-то место, а Црна Гора е на 66-та позиција. Далеку пред сите е Словенија која се наоѓа на 35-то место.
„И оваа година се наоѓаме многу ниско на листата од 180 рангирани држави. Имаме само 35 поени од можни 100. Во 2017 година бевме на речиси истото ниво, на 107-то место со истите 35 поени како и оваа година“,
констатира претседателката на „Транспарентност Македонија“, Слаѓана Тасева.
Таа укажува дека резултатите се формираат врз основа на показатели за последните две години и е загрижена бидејќи според Индексот земјава се вратила на нивото пред изборите и пред промената на власта во 2016 година.
„Годината која измина беше во знакот на заробената држава. Високото ниво на политичка корупција, недоволната транспарентност на јавниот сектор и неефикасноста на контролните и регулаторните тела се резултат на недоволниот капацитет за нивното работење. Во периодот што претстои неопходни се натамошни суштински реформи во сферата на борбата против корупцијата“,
е заклучокот на Тасева.
Според Индексот на перцепција на корупцијата, најдобро позиционирани се Нов Зеланд, Данска, Финска и Швајцарија, додека на дното се Сомалија, Јужен Судан, Сирија и Јемен.