Села и Гаши, како што рече и Заев, сега ќе треба да ги информираат опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои со амандмани се спротивставија на постојниот предлог. Гаши веќе преку медиумите испрати порака до белата палата – тие да ги повлечат амандманите, а АА и Алтернатива ќе го одблокираат петтиот пакет на антикризни мерки
Премиерот Зоран Заев и лидерите на албанската опозициска коалиција на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, најавија дека до крајот на неделата очекуваат да се постигне конечниот текст на предлог-законот за државјанство поради кој албанската опозиција изминатиот период ја блокираше работата на Собранието.
Сите тројца оценија дека се на добар пат за постигнување конечен договор, а ова би требало да значи и одблокирање на Собранието.
Никој од нив не откри конкретни детали што ќе содржи конечниот текст на предлог-законот. Премиерот рече дека се најдени механизми и сега треба експертите да ги стават на хартија и да ги анализираат за да го процесираат и во законско решение. Тоа ќе биде процесирано или преку амандмани на постојниот предлог што е во Собрание или преку нов предлог-закон.

„Се видоа детално бројките колку граѓани кои немаат државјанство, или кои не стекнале државјанство со брак, поради враќање во земјата ги бараат државјанствата и врз основа на тоа ги отворивме сите важни прашања. Годините за стекнување на државјанство кај нас се со престој од осум години, имаме европски земји каде што имаме пет, седум, десет години. Ќе се извади еден просек, и согласно Европската Унија ќе се формира една бројка“,
рече Заев.
Села, пак, порача дека решавањето на ова прашање ќе биде добар потег за имиџот на државата.

„Решавањето на ова прашање за овие граѓани нè носи чекор понапред кон цивилизираните држави, кон сојузништвото на држави каде што тежнееме сите, а тоа е ЕУ. Решавањето на овој проблем ќе биде придонес за Македонија да не биде ставена во листата на држави кои не ги почитуваат основните човекови права“,
изјави Села.
Села и Гаши, како што рече и Заев, сега ќе треба да ги информираат опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои со амандмани се спротивставија на постојниот предлог. Гаши веќе преку медиумите испрати порака до Белата палата – тие да ги повлечат амандманите, а АА и Алтернатива ќе го одблокираат петтиот пакет на антикризни мерки.
„Нашите намери беа да решиме еден проблем, се надевам дека до крајот на неделата ќе можеме да дојдеме до конечен текст на законот за државјанство кој сите заедно би го изгласале. Сакам да ги повикам ВМРО-ДПМНЕ и Левица да не бидат пречка на овој закон. Знаете дека ВМРО-ДПМНЕ има поднесено амандмани, но неколку пати јавно имаат кажани дека ако ние ги повлечеме амандманите од петтиот пакет мерки и тие се спремни да ги повлечат нивните за државјанството. Сега кога сме на повидок за решавање на законот за државјанство, а тие имаат интерес, ги повикувам да ги повлечат амандманите, ние ќе ги повлечеме тие за петтиот пакет економски мерки. Ќе ја ослободиме државата и Собранието“,
рече Гаши.
Доколку сè оди според планот што го истакнаа тројцата лидери по средбата, до крајот на неделата ќе се знае и конечното решение. Во постоечкиот закон се предлага државјанство да се добие со сведоци, на што власта се спротивставуваше бидејќи смета дека потребно е да се има и некаков документ како доказ. Вакво решение, барем според денешните изјави е извесно дека ќе влезе во предлог-законот со оглед дека Села рече дека „никогаш не се противеле на такво нешто“.
„Јас не гледам дека сме рекле дека не треба да има некакви докази, ако има потреба, еве ќе прифатиме и докази“,
рече Села.
Во одговорите на новинарските прашања по денешната средба, беа споменати и бројки за колку барања за државјанство станува збор.
„Околу 2 727 барања, од приближно 3 200 граѓани, од кои 1 500 што не живеат тука. Имаме 850 граѓани т.н. фантоми, граѓани што се родиле овде и никогаш не добиле државјанство. Дури некои имаат извод од матична книга на родени, но зеле државјанство“,
вели Заев.