Она што се воведува како нова обврска за сопствениците на трговските центри е на влезот да мора да биде истакната корисната површина на целиот објект, како и бројот на луѓе што можат да бидат во него, а посетителите мора да носат заштитни маски
Во Србија денеска стапува во сила ново олабавување на рестрикциите, со тоа што се отвораат трговските центри.
Новата мерка значи дека трговските центри ќе работат повторно од 6 до 22 часот, освен угостителските објекти во нив, на кои им е дозволена само шалтерска продажба на храна и пијалаци.
Она што се воведува како нова обврска за сопствениците на трговските центри е на влезот да мора да биде истакната корисната површина на целиот објект, како и бројот на луѓе што можат да бидат во него, а посетителите мора да носат заштитни маски.
Во трговските центри мора да има и т.н. корона-редар, кој ќе го контролира почитување на мерката за носење маска, а доколку објектот има повеќе влезови и излези, повеќе катови и површина поголема од 500 квадратни метри, мора да бидат одредени повеќе вакви редари.
Исто така, угостителите што се занимаваат со шалтерска продажба во трговски центри ќе треба да обезбедат пред пултот да не се собира голем број луѓе и меѓу нив да има растојание од најмалку два метра.
За други услужни активности, мерките остануваат исти, што значи дека сите видови продажни и услужни објекти можат да работат до 22 часот, како што се тераси на рестораните и кафулиња, но без музика во живо.
Аптеките, бензинските пумпи, доставата на храна и ординациите и лабораториите од областа на медицината, стоматологијата и ветеринарната можат да работат неограничено.
Епидемиологот и член на Кризниот штаб, Предраг Кон, предупреди дека заштитни маски треба да се носат и на терасите на кафулињата.
