Дел од средношколците во Грција, оние на возраст од 16 до 18 години, од денеска се враќаат во училиште, но услов е да имаат негативен резултат на тест за ковид-19 направен синоќа или денеска наутро.
Тие треба да се тестираат со бесплатните тестови за домашна употреба (т.н. селф тестови) кои ги воведе грчката влада минатата недела и се достапни во аптеките. Тестовите се задолжителни за средношколците, професорите и вработените во училиштата. Треба да се тестираат двапати во неделата, односно ќе треба да ги прават или вечерта или наутро пред училиште, секој понеделник и четврток.
По направениот тест, резултатите се пријавуваат на специјална интернет-платформа, а според информациите, доцна синоќа 0,27 отсто од тестовите се позитивни, односно пријавени се вкупно 408 заразени ученици и професори.
Конкретно, од учениците, позитивни се 236, а негативни 98 965, додека од професорите и другиот персонал во средните училишта, 172 лица добиле позитивен резултат, а 50 887 негативен.
Оние што имаат негативен резултат, добиваат училишна карта, која е задолжителна за следење настава, а при позитивен резултат ќе треба да се спроведе и второ тестирање, но во здравствена институција.
Конкретните тестови што набргу ќе бидат достапни и за сите граѓани, според грчката Влада, се дополнителна алатка во борбата со ковид-19, но и дополнителна алатка во процесот на олабавување на рестрикциите.
За секој граѓанин предвиден е по еден бесплатен тест седмично, во следните два месеци.
