Грчката национална комисија за имунизација препорача во Грција да се продолжи имунизацијата со сите достапни вакцини, а „Астра Зенека“ да се користи за лица на возраст од 30 години и нагоре, јави дописничката на МИА од Атина.
Објаснувањата оттаму се дека ризикот од сериозно заболување и смрт од ковид-19 е убедливо поголем од ризикот од евентуална тромбоза по вакцинацијата, особено кај оние над 30 години.
Алтернативниот министер за здравство на Грција, Василис Кондозаманис, соопшти дека од понеделникот до денеска се реализирале 93 отсто од закажаните термини за имунизација со вакцината на „Астра Зенека“.
Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 2 747 нови случаи со ковид-19, од кои 1 248 се во областа Атика – поширокиот регион на Атина, а починаа 78 лица.
Паралелно, регистриран е нов негативен рекорд од 790 пациенти приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во грчките болници.
